Ахмети се пазари со Заев, ама му намигнува и на Мицкоски

62

Консензуален кандидат кој би освоил доволен број гласови и би бил избран уште во првиот круг е решението за владејачката коалиција. СДСМ и ДУИ уште се во фаза на констулации и анализи за тоа како и со кој кандидат ќе настапат на претстојните претедателски избори. Од СДСМ велат дека во овој момент, во партијата се отворени сите опции.

Средбите за постигнување договор за евентуален консензуален кандидат, најверојатно, би се интензивирале во наредниот период, кога премиерот Зоран Заев ќе се врати од одмор. Во фокусот меѓу владините партнери во изминатиот период беа Договорот од Преспа и Законот за употреба на јазиците, па според внатрепартиски информации, досега не се разговарало кој би можел да биде консензуален кандидат, прифатлив за двете партии. Во јавноста, се шпекулираше со името на професорот Денко Малевски, но од партиите не потврдија дека професорот е заедничкото решение за коалиционите партнери. Се шпекулира дека Малевски се уште е прифатлив кандидат и за двете партии.

-Прашањата меѓу коалициските партнери во Владата се водат во рамки на органите на партиите и не се завршени. Се уште се водат консултации и анализи. Во партијата се уште не се отворени прашањата околу можните кандидати, дали тоа ќе биде концептот на консензуален кандидат или не, но секако сите опции се отворени за разговор и ќе го одбереме најсоодветниот начин за да можеме да ги обединиме граѓаните околу кандидатот на СДСМ, изјави потпретседателката на СДСМ и потпретседателка на Собранието Фросина Ташевска Ременски.

На прашањето за можноста заедно со претседателските да се одржат и предвремени парламентарни избори, таа посочи дека изборите за шеф на државата се согласно роковите, а предвремените ги најавува и бара лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, додека премиерот го зема предвид барањето кое ќе биде дискутирано во органите на партијата.

Сепак, според неа, во моментов вниманието треба да се насочи кон зацртаните реформи, кон добивањето на позитивен извештај и отворање преговори со ЕУ, а не кон борба меѓу политичките партии.

Дел од медиумите пренесуваат дека доколку Зоран Заев понуди кандидат кој нема да добие поддршка од интегративците, Али Ахмети ќе го понуди професорот Владо Поповски. Повикувајќи се на партиски извори медиумите пренесуваат дека Ахмети, паралелно се пазари и со Христијан Мицкоски, кој деновиве според информациите, интензивно го убедува Ахмети да не прифаќа консензуален кандидат, за СДСМ да ги изгуби претседателските избори.

Медиумите, според истите извори велат дека консензуалниот кандидат најверојатно нема да биде Албанец, бидејќи на Ахмети сега му е битно да помине концептот за консензуален претседател.

Во најголемата опозициска партија засега молк околу евентуалниот кандидат за шеф на државата. Иако првично во игра беше и бојкот на претседателските избори, сепак од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе учествуваат на претседателските избори. Огласот за избор на кандидат за претседател што го распиша опозицијата е отворен до 31 јануари, а досега на него се пријавил само еден кандидат.

На конгрес во Струга кој треба да се одржи на 16 февруари, опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе го објави кандидатот за претседател на Македонија. Според најавите, претседателските избори ќе се спроведат во април.

Во анкетите во пресрет на претседателските избори се појавува името на поранешниот министер Имер Селмани, кој еднаш веќе се кандидираше за оваа функција и кој вообичаено добро котира на листата на кандидати кого граѓаните го поддржуваат.

Селмани вели дека би размислил повторно да се кандидира, но само ако има поддршка од повеќе партии. Тој е убеден дека Македонија на следните избори ќе добие консензуален кандидат.

Премиерот Заев рече дека доколку пропаднат претседателските избори, односно ако ВМРО-ДПМНЕ сепак одлучи да бојкотира, со државата ќе раководи собранискиот спикер Талат Џафери, а потоа ќе се донесе нов закон, според кој претседателот на државата ќе се избира со двотеринско мнозинство во Собранието, што де факто ќе значи дека владејачкото мнозинство без проблеми ќе си постави свој човек.

Претседателот на Собранието деновиве најави дека изборите ќе бидат распишани на 8 февруари, а ќе се гласа на 21 април и на 5 мај. Мандатот на актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов завршува на 12 мај.