АХВ: Не јадете сомнителна храна од сомнителни места!

Од Агенцијата потсетуваат на препораките кои мора да се почитуваат за заштита од високи температури. За да се спречи појава на труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор при нејзина набавка, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување. Да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување, да се купува храна од проверени места каде што има услови и каде што производите, особено лесно расипливите од животинско потекло, се чуваат во разладни уреди.

286

Високите темпеператури ги мобилизираа инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство за вонредни, засилени контроли на операторите со храна со цел да се спречат евентуални труења и инфекции. Тие ја проверуваат храната во угостителските објекти и во маркетите.

-Со вонредните контроли во туристичките центри во земјава каде што се очекува зголемена фреквенција на туристи, опфатени ќе бидат хотелите, рестораните, пицериите, слаткарниците, бурекчилниците, пекарниците, сендвичарниците, ќебапчилниците, кафе-баровите, маркетите и други објекти. Покрај вонредните, засилени контроли во туристичките центри, од страна на инспекциските служби, зајакнати контроли се спроведуваат и во малопродажните објекти во сите населени места. При спроведување на контролите од страна на официјалните ветеринари и инспекторите за храна, акцент ќе се стави на исполнетоста на предусловните програми на HACCP системот за безбедност на храната, потеклото на храната, начинот на чување, личната хигиена на вработените, хигиената на објектите, рок на употреба на производите и друго, велат за весникот ВЕЧЕР од АХВ.

Од Агенцијата потсетуваат на препораките кои мора да се почитуваат за заштита од високи температури. За да се спречи појава на труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор при нејзина набавка, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување. Да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување, да се купува храна од проверени места каде што има услови и каде производите, особено лесно расипливите од животинско потекло се чуваат во разладни уреди.

-Да се избегнува да се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како што е месото, млекото јајцата и друго да не се чуваат долго време во автомобили и во други транспортни средства. Да се одбегнува купување и на разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач. Разладената храна да се чува на температура пониска од 5 степени Целзиусови, а храната која треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот пред употреба темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат, потсетуваат од АХВ.

Тие додаваат дека по подготовката, изладена, храната да се чува во фрижидер и предлагаат ефикасен начин на складирање. На најгорните полици да се чува зготвената храна, а на подолните суровата.

– Ако се јаде во угостителските објекти, водете сметка тоа да се оператори со храна кои водат сметка за хигиената и безбедноста на храната и да имаат добра репутација. Во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и слично. Доколку сметате дека храната не е безбедна, не ризикувајте – фрлете ја!, велат од АХВ.

(А.С.)