АфД: Неопходно е Германија да ја напушти Европската унија

74
EPA-EFE/MARTIN ZIEMER

Десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) сака да ја извади Германија од ЕУ и да создаде паралелна европска економска заедница, пишува весникот „Шпигел“ повикувајќи се на конечниот нацрт на изборната програма на партијата.

Германците се очекува да гласаат на предвремените општи избори на 23 февруари, по падот на трипартиската коалициска влада. Социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц побара гласање за доверба на 16 декември.

Сметаме дека е неопходно Германија да ја напушти ЕУ и да се формира нова европска заедница“, се наведува во нацрт-документот.

Партијата планира да распише референдум за промена на членот 23 од Уставот, кој го регулира учеството на Германија во ЕУ, со цел да го прилагоди да се однесува на новата „Заедница на економија и интереси“.

„Треба да се преговара за транзицијата за да се постигне консензус и со партнерите од ЕУ и со новите заинтересирани страни“, се наведува во програмата.

АфД, исто така, планира Германија да се повлече од еврозоната и да усвои стабилна национална валута, веројатно задржувајќи го еврото како паралелна валута. Употребата на криптовалутата биткоин треба да се дерегулира, се наведува во програмата.

За изборната програма, како што се наведува, ќе се расправа и ќе биде усвоена во јануари.