Германија од први март годинава ги отвори вратите за квалификуваните работниците кои доаѓаат од држави што не се членки на Европската Унија, бидејќи една од најсилните економии има недостаток од 1,3 милиони работници. Се бараат работници од разни профили најмногу од медицинскиот кадар, лекари, медицински сестри, болничари и лица што ќе се грижат за старци, но и информатичари, програмери, како и градежници, електричари, молери и работници од услужните дејности.
За заминување на работа во Германија има огромен интерес на младата и средната генерација од земјава, кои што уште од декември почнаа да ги пакуваат куферите, кога канцеларката Ангела Меркел го најави донесувањето на новиот закон за миграција, со што се олеснува увозот на квалификувани работници од земјите на Западен Балкан, но се ограничува возраста до 45 години.
Приоритет е солидно познавање на германскиот јазик на А2 ниво, затоа во земјава речиси секој втори жител учи германски. Најмногу изучуваат германски јазик младите лекари и медицински сестри, но за нив степенот на познавање е на повисоко ниво, затоа што е потребно да се има подобра комуникација со пациентите. На цена се и ИТ-работници со минимум пет години работно искуство, кои месечно се платени повеќе од 2.000 евра.
Според податоците на Државниот завод за статистика, лани во Германија среќата ја побарале дури 18.478 граѓани, додека 7.812 не се вратиле во својата земја. Податоците за Македонија покажуваат дека од 2008 до 2018 година од земјава си заминале 258.020 жители.
Стручните работници,со законските измени и промена на услови, ќе можат во потрага по работа да останат во Германија подолг временски период. Ќе имаат право да го надоместат евентуалниот недостиг на практично искуство со доквалификација преку практикантска работа со германски работодавец. Услов ќе биде надлежните институции да ја потврдат дипломата на странскиот работник и да докажат дека тој зборува германски јазик. Странецот исто така ќе мора да докаже дека има доволно пари за да се издржува додека бара работа.
На квалификувани баратели на работа и практиканти ќе им биде дозволено да останат во Германија до шест месеци, при што е потребно практикантите да достават соодветна училишна диплома и да не бидат постари од 25 години.
Од друга страна, новиот закон ги заостри условите за странските државјани на возраст над 45 години. За да добијат дозвола за престој и работа, тие мора да докажат дека ќе заработуваат најмалку 3.685 евра бруто-месечна плата или дека веќе стекнале пензија или имаат средства да ги исполнат основните трошоци за живот, за да не станат товар на државата во старост.
Околу 70 отсто од барателите на виза не зборуваат германски
Зоран Кочоски, директор на Kouzon Corporation, за весникот ВЕЧЕР вели дека Македонија и досега имала повластена позиција во однос на добивање на работна виза за Германија, единствено што било проблем е што долго се чекало да се најде термин за амбасадата на Германија.
-Досега се чекаше од шест до 12 месеци за да се закаже во Германска амбасада, со новите законски решенија терминот ќе се добива од 14 до 28 работни дена -вели Кочоски и дополнува дека драстично го зголеми бројот на баратели на работа од земјава особено што се спушта и прагот на познавањето на германскиот јазик на А2 што не е така високо ниво, како што досега се бараше поквалитетно познавање на јазикот.
Тој појасни дека во Македонија генерално многу малку се познава германскиот јазик, дури 70 отсто од барателите на работа не зборуваат германски. Токму затоа голем е интересот да се посетуваат брзи курсеви за што побрзо да се совлада.
-Најголем број од лицата што бараат работа и сакаат да заминат за Германија се на возраст над 30 години, поконкретно од 35 до 45 години – вели Кочоски.
Според него во моментов најмногу се бараат работници за работа во големи магацини за пакување на храна, на аеродроми на пренесување на куфери и стандардно има голема потреба од возачи на големи камиони.
Новите законски решенија не се баш поволни за повозрасните лица над 45 години, бидејќи за да тие добијат работна виза треба да имаат плата повисока од 3.700 евра, оти со десет години работа во Германија и возраст од 65 до 67 години можат да добијат право и на пензија.
Исто така во првите три години Германија на работниците што се од други земји надвор од ЕУ не им дозволува да имаат социјални бенефити, во случај ако останат без работа.
Германија се фокусира на дигиталната економија
Претседателот на бизнис конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, стравува дека одливот на работната сила ќе биде голем, бидејќи пред донесувањето на законот имало ограничувања,а сега многу од тие луѓе ќе можат да заминат на работа во Германија.
-Интересно е што Германија се фокусира на дигиталната економија, односно се повеќе ќе бараат ИТ-инженери, медицински персонал и работа со стари лица. Тие се подготвени да ги дообучат и да ги едуцираат за оваа намена работниците кои се подготвени да работат кај нив -вели за весникот ВЕЧЕР, Бошков.
Тој апелира до Владата,како и ресорот образование и економија да ги следат светските трендови и во таа насока повеќе да се насочат, за да може да го задржат квалитетниот кадар во земјава. Бошков тврди дека за младите што заминуваат не се проблем само платите ,туку на нив влијае целокупното општествено опкружување.
На миграцијата негативно влијаат и честите политички избори, како и незадоволството од безбедноста и здравственото и пензиското осигурување.
Тој вели дека според неговите информации неделно од германската амбасада се издаваат околу стотина работни визи. Дел од лицата што аплицираат сите процедури ги имаат завршено уште пред неколку месеци, за да бидат подготвени и доколку може веднаш да заминат.
Секој сака да живее во демократска држава
Во неодамнешното интервју за весникот ВЕЧЕР, Томас Герберих, амбасадор на Германија во земјава вели има многу различни причини, тоа што многу луѓе ја напуштаат Македонија. Но според него, во прв план не е работното место или платата, што секако игра улога, туку, сигурноста да се живее во демократска држава.
Според него досега нема конкретна статистика за различните профили што се доселуваат во Германија, но со новиот закон се повеќе ќе се бараат со завршено високо образование или квалификувано стручно образование.
Пасошите проблем за добивање на работна виза
Поради кризата со недостатокот на патни исправи, многумина не можат да заминат на работа во Германија. Како што информираат надлежните првата пратка од Германија со обрасци се очекува да пристигне до 10 март годинава, по што се очекува олеснување на кризата со патните исправи.
Комисијата на МВР која е задолжена за издавање на пасоши по итна постапка, за десетина дена разгледала околу 3.000 барања. Според извори во полициската администрација, оваа комисија секојдневно одобрува над 60% од барања од целата земја. Најчесто одобрувањата се заради медицински причини, а помалку се издаваат пасоши по итна постапка за бизнис потреби.
Во моментов има околу 2.000 резервни примероци, а на списокот за чекање има над 20 илјади граѓани.
Наместо во Хрватска, нашите заминуваат за Германија
Отворањето на Германија за квалификувани работници од Западен Балкан и на Австрија за вработување на хрватските државјани без работна дозвола што треба да стартува од 1 јули, може да предизвика големо нарушување на пазарот на труд во Хрватска. Како што пишуваат хрватските медиуми, се стравува дека од една страна на работа во странство ќе заминат хрватски работници, а од друга страна постои и опасност да не можат да се обезбедат потребните работници од регионот.
Во Хрватска лани се издадени 73.061 хрватски дозволи за работа на странци, дури 85 проценти се однесуваат на работници од регионот и тоа 31.214 од Босна и Херцеговина, 14.549 од Србија, 8.442 од Косово, 6.052 од Македонија, 3.105 од Албанија и 537 од Црна Гора. Како начин за спречување на одливот на работниците од Хрватска експертите од таа земја предлагаат зголемување на минималната плата на 5.000 куни, односно на околу 670 евра.
(В.Ма.)
Фото.Н.Батев