Германскиот производител на автомобили Ауди ја суспендираше целата активност на Твитер до понатамошно известување, објави денеска германската медиумска групација WirtschaftsWohe, цитирајќи извори од компанијата.
Фолксваген, кој е сопственик на Audi заедно со брендовите VW, Seat, Cupra, Lamborghini, Bentley, Ducati и Porsche, на почетокот на оваа недела соопшти дека им препорачал на сите компании што ги поседува да го паузираат платеното рекламирање на Твитер до понатамошно известување, откако Илон Маск ја презеде таа социјална мрежа.
Таа компанија нема објавено ниту еден твит од 1 ноември, а дотогаш твиташе речиси секој ден.
Портпаролот на Фолксваген рече дека сите брендови го следеле советот, додека Ауди одлучил да ги запре активностите, како што се директните објави. Ауди ќе продолжи да одговара на барањата на клиентите, но нема проактивно да објавува или да се рекламира.
„Внимателно ја следиме ситуацијата и ќе одлучиме за следните чекори во зависност од развојот на настаните“, додаде портпаролот на Ауди во изјавата за Ројтерс, пренесува Фокс Њуз.
Неколку други производители на автомобили презедоа слични чекори откако Маск го презеде Твитер кон крајот на октомври. Стелантис го прекина рекламирањето, додека Џенерал Моторс ја суспендираше целата активност на Твитер за своите брендови.
Маск брзо ја реструктуира компанијата откако ја презеде контролата, отпуштајќи приближно половина од нејзиниот персонал и ажурирајќи ги политиките за проверка на налозите и упатствата за однесување.