Атлетската Федерација на Македонија пред суспензија од ИААФ

289

Македонската атлетика се наоѓа пред сериозна казна и можност за суспензија од Интернационалната атлетска федерација (ИААФ) поради фалсификат од страна на Атлетската федерација на Македонија на последното Балканско првенство кое се одржа во Истанбул, Турција.

Имено, македонскиот атлетичар Јован Стојоски, кој настапи во дисциплината 400 метри на Балканското првенство, всушност и немал право за настап. Стојоски, кој живее и со атлетика се занимава во Србија, земја за која настапуваше до 2017 година, како странски државјанин за да настапи под знамето на Македонија морал да добие дозвола од ИААФ. Но, и покрај тоа што не добил дозвола за настап, сепак е пријавен од АФМ и селекторот Ѓорѓи Вучков.

Сето тоа е регистрирано од Балканската атлетска федерација, а за што е информирана и Интернационалната атлетска федерација (ИААФ).

  • Добивме информација за фалсификат пријава што е уште еден срам за македонската атлетика. По еден ваков срамен чин секако мора одговорност да понесат претседателот на АФМ, Крсто Серафимовски и селекторот Вучков, вели Кристијан Кајчевски од АК Пролет.

Инаку, на Балканското првенство во сала македонската атлетика одбележа уште еден извонреден резултат на најдобриот наш атлетичар Дарио Ивановски, кој освои сребрен медал на трката на 3.000 метри.