Атлетската федерација на Македонија (АФМ), на чело со претседателката Александра Војнеска-Зикова, до 26 октомври ќе биде домаќин на Конвенцијата на Европската атлетска асоцијација. На Конвенцијата ќе присуствуваат 49 претставници на европски федерации, како и на изборот на најдобар спортист на Европа во атлетскиот спорт – „Golden Tracks 2024“.

Специјален гостин на Конвенцијата во Скопје ќе биде Лорд Себастијан Коу, претседател на Светската атлетска асоцијација и поранешен член на британскиот парламент, носител на олимписки, светски и европски златни медали, член на бордот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), а од пред една недела и официјално еден од кандидатите за нов претседател на оваа организација на претстојните избори во март наредната година.

– Сето она што ние како федерација го работиме во структурите на Европската федерација беше препознаено, прво преку организацијата на Европскиот куп трета лига 2019, потоа со нашето имплементирање во структурите во советот и телата на самата асоцијација придонесуваме и се трудиме активно да ја промовираме нашата држава, да го издигнеме нивото на атлетиката, а со тоа и на спортот. За нас ова организација на Конвенцијата претставува историски момент. Верувам дека со поддршката што ја добивме од Министерството за спорт и Европската атлетска асоцијација целиот овој настан ќе помине во најдобар ред, истакна Војнеска-Зикова.

– Да се добие ваква организација воопшто не е лесно. Ние како Министерство за спорт секогаш ќе стоиме зад вакви проекти. За нас е важно да ја претставиме Македонија на едно високо ниво. Верувам дека Атлетската федерација ќе биде одличен домаќин на настанот. Спортската дипломатија игра клучна улога во зајакнувањето на меѓународните врски и соработка, не само во спортот, туку и пошироко, додаде министерот за спорт Борко Ристовски.