Атланта објасни зошто се откажа од Лука Дончиќ

45

Полека, но сигурно, словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ ја „освојува“ НБА лигата во својата дебитантска сезона, откако во првите 55 меча за Далас, тој во просек бележи по 20.7 поени, 7.2 скока, 5.6 асистенции и 1.0 украдени топки по натпревар, со што е фаворит за наградата дебитант на годината.

Но, наместо во Тексас, тој можеше да биде во Атланта, откако тимот имаше можност да го избере на драфтот минатото лето, но наместо тоа реши да го замени за Треј Јанг, одлука која засега се покажува како многу погрешна. Генералниот менаџер на тимот, Тревис Шленк објасни зошто е направено така.

-Многумина не го знаат тоа, но ако го задржевме третиот пик на НБА драфтот, тогаш ќе го земевме Дончиќ. Зборувавме со неговиот агент, Лука тоа утро имаше медицински преглед во Њујорк, но еден час пред одлуката дојдоа од Далас и почнавме со преговорите. Им кажав дека ни е потребен уште еден лотариски пик за да им го препуштиме. Според нашите анализи Далас оваа сезона треба да заврши на осмото место, вели Шленк, кој својата одлука ја базирал на статистичките прогнози.