Од Владата велат – постапката е во тек. „Кабинетот на претседателот на Влада на Република Северна Македонија е во соработка со продукциската екипа на документарниот филм „Медена земја“ и го договараат начинот околу реализација на одлуката. Постапката е во тек“, изјавија за весникот ВЕЧЕР од Владата
Иако уште пред десетина дена Владата, на својата седма седница, донесе одлука на екипата на документарниот филм „Медена земја“ да им биде доделена награда во висина од 3 милиони денари (околу 50.000 евра) во знак на признание на меѓународниот успех, сепак тоа досега не е реализирано. Оттаму посочуваат дека
„постапката е во тек и се собираат потребните документи за да се изврши исплатата“. Во меѓувреме топката се префрлаше меѓу министерствата за финансии и култура и кабинетот на премиерот, за во јавноста да се појават и информации дека средствата нема да бидат исплатени бидејќи во буџетот на Министерството за култура немало пари за оваа намена, но и дека нема законски основ по кој тие би се исплатиле, со што и одлуката била „избрзана“. Од Владата, пак, истакнуваат дека ова се само шпекулации.
„Кабинетот на претседателот на Влада на Република Северна Македонија е во соработка со продукциската екипа на документарниот филм „Медена земја“ и го договараат начинот околу реализација на одлуката. Постапката е во тек“, изјавија за весникот ВЕЧЕР од Владата.
Инаку, со владината одлука екипата на „Медна земја“, како што посочи и техничкиот премиер „Оливер Спасовски“, ќе добие по околу 7.000 евра.
„Јас, посебно не можам да ги сфаќам сериозно сите изјави и информации кои доаѓаат од политичките партии, просто поради тоа што имаме предизборен период, па секој сака да си каже тоа што на него мисли дека му одговара“, изјави на шпекулациите во јавноста Спасовски.
Инаку, „Медена земја“ беше номинирана за Оскар во две категории за најдобар документарен и најдобар странски филм. Иако не ја доби златната статуетка, сепак филмот постигна планетарен успех, поради темата која ја третира, а тоа се несовесниот однос кон природата и алчноста како светски трендови.
Филмот до сега освоил 32 награди, и има учествувано на голем број фестивали во Европа и светот.