Аталанта аутсајдер против непоразениот Баер Леверкузен

68

За неколку часа (21:00 ч.)  на стадионот „Авива“ во Даблин ќе стартува финалниот натпревар во Лига Евероп помеѓу италијанскиот калчолигаш Аталанта и германскиот бундеслигаш Баер од Леверкузен.

Сосема очекувано, фаворитската улога со право му е доделена на непоразениот Баер кој ја освои титулата во домашниот шампионат без да ја почуствува горчината на поразот, а четата на Чаби Алонсо, не знае за неуспех и на европската клупска сцена.

Не толку добра, но далеку од лоша сезона има и тимот од Бергамо кој на патот до финалето го елиминираше првиот фаворит, премиерлигашот Ливерпул, а избраниците на Џан Пјеро Гасперини, следната сезона ќе играат во групната фаза од Лигата на шампиони.

-Дали е ова најголемото нешто кое сум го постигнал во мојата кариера? Да, ова е голем успех, престиж. Не мислам дека успехот на еден тренер треба да се мери со тоа дали има освоено некој пехар. Секој си има зацртани цели. Не мислам дека сме без шанси, мислам дека ќе бидеме и повеќе од рамнопарвен противник. Нормално дека ќе бидеме далеку позадоволни ако го освоиме пехартот, изјави тренерот на Аталанта, Џан Пјеро Гасперини.

Неговиот колега од спротивната страна, Чаби Алонсо, е сфесен дека неговите избраници мора да бидат совршени во сите 90 минути ако сакаат натпреварот да го завршат како победници.

-Знам дека тренерот на Аталанта има јасен план, да создаде тим кој има силен менталитет и го има потребниот квалитет. Тие се топ тим и затоа ние имаме шанса да покажеме дека сме во одлична форма. Ќе испишеме историја ако го освоиме и овој трофеј, како и тој во Купот на Германија. Тоа ќе биде напишано со златни букви. Ќе станеме дел од европската фудбалска историја, не само од германската. Се надевам дека ќе успееме, изјави шпанскиот стручњак.

И двата тренера немаат некој посериозен проблем кога е во прашање здравствениот билтен и ќе се одлучат за најдобрите фудбалери.