EPA-EFE/FRANCK ROBICHON

Формула 1 се враќа. Изминатиов викенд, тимовите и возачите ги тестираа своите нови болиди за претстојната сезона, а следниов викенд ќе се вози и првата трка годинава, кога на програмата е Големата награда на Бахреин.

Меѓу оние тимови што покажаа голем напредок во претсезонските тестирања е и Астон Мартин, за кој оваа сезона ќе возат Ленс Строл и Фернандо Алонсо.

Поради повреда, Канаѓанецот беше спречен да учествува на тестирањата, неговото место го зазеде Фелипе Друговиќ. Но, Алонсо беше вистинска ѕвезда, бидејќи го „смести“ болидот на Астон Мартин на подобрите места.

Но, љубителите на Формула 1 би можеле повторно да го видат четирикратниот шампион Себастијан Фетел на патеката. Доколку не заздрави Канаѓанецот во следните неколку дена, Астон Мартин би можел да го повика Фетел на помош, иако тој се пензионираше на крајот од минатата сезона во болидот на британскиот тим.

Ако се врати Германецот, макар и за еден викенд, тоа би било неверојатно – Фетел и Алонсо во ист тим!