Членови на годинашното интернационално филмско жири на „Астерфест“ ( (1-5 август), кои ќе одлучуваат за наградите, се: македонскиот ликовен уметник Никола Пијанманов, кој изработи уникатни статуетки што ќе бидат официјални награди за лауреатите; Зејгам Азизов, британски филозоф и уметник што моментално живее и работи во Лондон, како и Ганимет Сава, основач и претседател на Интернационалниот филмски фестивал „Уметност без граници“ во Приштина
Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, чие 19. издание ќе се одржи од 1 до 5 август, во Струмица, под мотото „Кинореалност ’24“, почнува утревечер (20:30 ч.), со канскиот лауреат – „Човекот кој не можеше да молчи“, во режија на Небојша Слијепчевиќ. Ова краткометражно филмско остварување, кое претставува копродукција меѓу Хрватска, Словенија и Бугарија, годинава ја освои „Златната палма“ за краток филм. Актерот Горан Богдан го толкува главниот лик.
Дејството на филмот се случува на 27 февруари 1993, во Штрпци, Босна и Херцеговина. Патнички воз на линијата Белград – Бар е запрен од паравоени сили во акција на етничко чистење. Додека ги извлекуваат невините цивили, само еден човек од 500 патници се осмелува да им се спротивстави. Ова е вистинска приказна за човекот што не можел да молчи.
Режисерот Слијепчевиќ му ја посветил наградата на Тома Бузов, човекот што го инспирирал за овој филм и чија приказна ја раскажал.
Инаку, филмот е во продукција на „Антиталент“ од Загреб, а продуцентите се Катарина Прпиќ и Даниел Пек.
Во првата натпреварувачка вечер (1 август), покрај „Човекот кој не можеше да молчи“, на програмата се уште дванаесет селектирани кратки филма: „Гилгамеш“ на Шаќир Весели, „Астран“ на групата автори од „Исарт“, „Глувчевата куќичка“ на Тимон Ледер, „Луди и свесни“ (премиера) на Мануела Златкова, „Споменик“ на Сиџија Џенг и Џјашји Ву, „Малиот талкач“ на Каролина Томкова, „Полжавска приказна“ на Ели Воткинс и Хелен Грифитс, „Песок“ на Розе Торн и Матео Коста, „Сламеница кон иднината“ на Николас Нојхолд, „Оп, риба“ на Вибин Виџајан, „Шепкач“ на Младен Ѓукиќ и „Сржта“ на Оберт.
На 2 август, исто така со почеток во 20:30 часот, ќе може да се видат филмовите: „Љубовни маки“ на Александер Саул, „Избавени од злотворот“ на Лук Сарџент и Бенџамин Хакмен, „Мигови“ од Катја Фридрих, „Фортисимо“ од Виктор Цеска, „Солени животи“ на Рустам Мелиев, „Гнездо“ на Настмир Цачев, „За живеењето“ на Сезар Салиху, „Навја“ на Ана Шиленкова, „Почест“ на Мат Цискас, „Прошетка“ на Елеонора Венинова и „Ги знаеш правилата“ на Овен Тут.
Членови на годинашното интернационално филмско жири на „Астерфест“, кои ќе одлучуваат за наградите, се: македонскиот ликовен уметник Никола Пијанманов, кој изработи уникатни статуетки што ќе бидат официјални награди за лауреатите; Зејгам Азизов, британски филозоф и уметник што моментално живее и работи во Лондон, како и Ганимет Сава, основач и претседател на Интернационалниот филмски фестивал „Уметност без граници“ во Приштина.
Тие ќе ги изберат најдобрите во натпреварувачката програма, за „Златната“, „Сребрената“ и „Бронзената потковица“. Ќе биде доделено и гран-при за најдобар краток филм, како и за специјалните плакети „Ацо Алексов“ за најдобар автор и „Ѓорѓи Абаџиев“ за најдобро сценарио.
„Астер портрет“, пак, ќе се одржи на 2 август во 11:00 ч. (Тивериополска филмска беседа), за лауреатот на наградата „Астер“ – Антонио Митриќески, на кој ќе зборува критичарот Стојан Синадинов. Како своевидна филмска посвета на лауреатот, четвртата вечер, во амфитеатарот во Струмица, ќе има и специјална проекција на неговиот долгометражен игран филм „Преку езерото“, според сценарио на Ташко Георгиевски и Митриќески, со Никола Ристановски и Агњешка Вагнер во главните улоги.
Во рамките на програмата (3 август) ќе биде промовирана и книгата „Филмска објектологија“ на Васил Михаил. Авторот на книгата, преку практични и теоретски инструменти, аргументира и предлага воведување нова подгранка на филмологијата, која ќе се нарекува филмска објектологија, а сценариото за краток игран филм „Кујна“ е основната појдовна точка од која се развива теоријата за објектот во филмски кадар.
Во чест на наградените, на 3 август, пред вечерните проекции, ќе биде претставено и дивидито „Македонски кратки играни филмови“, во издание на Кинотеката на Македонија, по што пред присутните ќе биде прикажана дигитално реставрираната верзија на култниот филм „Црно семе“, во знак на пет години од смртта на Кирил Ценевски, како и наградуваниот краток филм „Со кренати раце“ на Митко Панов.
Публиката ќе има можност да ја гледа и раритетната копија на долгометражниот филм „Преку езерото“, на лауреатот Антонио Митриќески, како и краткиот филм „Лифт горе, лифт долу“ во режија на Душан Наумовски.
Вечерните проекции во амфитеатарот и придружните дневни настани ќе траат до 5 август, кога ќе бидат прикажани наградените филмови.
Новитет на ова издание на фестивалот е востановувањето на Филмската школа на „Астерфест“, со работилници и мастер-класови под менторство на врвни академски личности од светот на културата, филмот и на драмските уметности. Покровител на фестивалот е Општина Струмица. (Д.Т.)