Архитектот Мирослав Грчев: Споменикот на Мајка Тереза е тромб?!

412

“Споменикот на Мајка Тереза е ‘тромб во коронарка’, изјави архитектот Мирослав Грчев за весникот Вечер, откако претходно во медиумите го нарече и “фашистички споменик“ со  што предизвика бурни реакции. Тој оваа негова споредба со тромб, како што вели, ја темели на поставеноста на споменикот,  додавајќи дека го попречува движењето по улицата која се влива во центарот на градот.

“Ако плоштадот е срцето на градот, тогаш улицата Орце Николов е коронарна артерија и ова е нешто што ниту една цивилизација, ниту еден град не би си го  дозволил. Поставување на споменик насред улица и тоа во целиот профил да мора да се заобиколува лево и десно од него, е манифестација на една автократска волја, потполно непрофесионална, лаичка и потполно спротивна на интересите на градот, јавниот простор и жителите“, изјави архитектот Грчев за весникот Вечер.

Приказната за тоа чиј е споменикот, според него, тука е потполно небитна. “Доколку се поврзува тој споменик со Мајка Тереза таа би била прва што би барала да се сруши и да не се поврзува нејзиното име со такви насилни и автократски акти. Во тој контекст ги споредив и целата низа на споменици како симптом на една фашистичка држава која го злоупотребува државниот механизмот на штета на јавниот простор, на граѓаните, на слободата на движењето, што е основно човечко право“, додава Грчев за весникот Вечер.

Тој објаснува и дека неговата намера не е да ја поврзе Мајка Тереза со фашизмот, туку обратно, да каже дека спомениците се симптом на една идеологија која е “фашистичка“ и во која имињата на славни личности се “злоупотребени“.