Археолошкиот музеј подготвен за изложбата: “100 години Требениште“ наскоро пред јавноста

83

Ексклузивната изложба „100 години Требениште“ по повод еден век од истражувањата на овој локалитет кај Охрид, Археолошкиот музеј на Македонија ќе ја отвори наскоро, а датумот на отворањето и времетраењето ќе бидат соопштени оваа недела.

На изложбата ќе бидат претставени златните маски од 6 век п.н.е. и други предмети најдени во некрополата кај охридско Требениште, а за оваа пригода ќе бидат донесени и артефактите што ги поседуваат музеите од Србија и Бугарија.

Инаку, изложбата „100 години Требениште“ е заеднички проект на Археолошкиот музеј на Македонија, Народен музеј од Белград, Националниот археолошки институт и Музеј од Софија и Завод и музеј Охрид. Трите матични археолошки музејски институции од споменатите земји со овој проект ќе ја одбележат стогодишнината од откривањето на локалитетот Требениште кај Охрид. На изложбата ќе бидат претставени околу 400 артефакти од бронза, сребро, злато, керамика, килибар и стакло, наоди откриени при археолошките истражувања од 1918 до 70-тите години на 20 век, реализирани од страна на бугарски, српски и македонски археолози.

Покрај оваа изложба, за оваа година Археолошкиот музеј на Македонија ја најавува и изложбата „Градиште Неготино, урбан центар во раната антика“, која се подготвува по повод 10-годишнината од почетокот на меѓународните систематски истражувања на локалитетот Градиште кај Неготино.