Портпаролот на Владата на Република Северна Македонија, Душко Арсовски, денеска ја одржа редовната прес-конференција на која информираше за заклучоците, одлуките и информациите кои беа разгледани и прифатени на 16-тата Владина седница, меѓу кои:
– Информацијата за имплементацијата на Рамковниот договор за јавна набавка на лекот „Veklury (remdesivir)“, прифатен во терапијата на КОВИД-19, со постапка за набавка преку Договорот за заеднички набавки склучен со Европската комисија и обезбедување на финансиски средства, при што е донесен заклучок да се задолжи Mинистерот за здравство да го потпише и имплементира Посебниот договор за јавна набавка на лекот „Veklury (remdesivir)“ согласно обврските преземени од Рамковниот договор за јавна набавка на лекот „Veklury (remdesivir)“, доделен со постапка за набавка преку Договорот за заеднички набавки склучен со Европската комисија. Владата го задолжи Министерството за финансии да обезбеди во рамките на буџетот на Министерството за здравство за 2020 година, дополнителни 13,5 милиони денари, за плаќање на лекот за месец октомври, додека останатите средства во износ од 67,5 милиони денари, за исплата по сукцесивна испорака на овој лек за период од пет месеци, да се предвидат и обезбедат во буџетот на Министерството за здравство за 2021 година.
– Информацијата на Министерството за информатичко општество и администрација за постапката пред Уставниот суд на Република Северна Македонија по иницијативата за оценување на уставноста на член 143 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кој се регулираат авторските права на програмите кои ги реемитуваат кабелските оператори. Според информацијата на Министерството во очекување е одлуката на Уставниот суд по што ќе постапи соодветно на мислењето на судот.
– Донесена Одлука за намалување на увозните давачки-царинските стапки на одделни производи (компоненти) потребни за производство а технолошки напредни производи. Во период од една година ќе се намалат на нивото на царинските стапки кои се применуваат при увоз на овие производи во земјите-членки на Европската Унија, со цел зголемување на извозната конкурентност на домашната индустрија која произведува технолошки напредни производи.
Портпаролот Арсовски информираше и за кадровските решенија кои Владата ги донесе на вчерашната 16-та седница, на предлог на Комисијата за именување и тоа: Бајрам Реџепи да го избере за член на Одборот на директори на Акционерско друштво за вршење на енергетски дејности „Национални енергетски ресурси“, Скопје во државна сопственост. Фарук Омери да го разреши од должноста в.д. директор на Управата за јавни приходи, а Сања Лукаревска е именувана за в.д. директор на Управа за јавни приходи. Владата ја именуваше Моника Јованова, член на Управниот одбор (УО) на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), за претседател на УО на ФИТР, на предлог на Управниот одбор. Фатмир Арифи е именуван за в.д. директор на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.
Портпаролот Арсовски информираше дека Владата изрази несогласување со Збирниот извештај за настанатите штети од елементарни непогоди кои ги зафатија општините: Валандово, Велес, Кочани, Пробиштип и Свети Николе на Комисијата за проценка и утврдување на висината на штети од елементарни непогоди и донесе одлука членовите на Комисијата да бидат разрешени од членството во неа заради неефикасно и несоодветно решавање на предмети од суштинско значење за граѓаните и мандатот на Комисијата. Нови членови на Комисијата за проценка и утврдување на висината на штети од елементарни непогоди ќе бидат именувани на една од наредните седници на Владата, со обврска да достават ревидиран Збирен извештај за настанатите штети од елементарни непогоди кои ги зафатија општините: Валандово, Велес, Кочани, Пробиштип и Свети Николе.
На прес-конференцијата, Владиниот портпарол одговарајќи на новинарско прашање за барањето на пожарникарите за финансиски додаток на платата за ризичност на работното место, рече дека проблемот на оваа струка со децении беше игнориран и неговото решавање го иницираше Министерството за одбрана.
„Потврда за тоа е зголемувањето на средствата кои од буџетот на Министерството за одбрана беа префрлени на општините во 2020 година, 51 милиони денари повеќе во однос на 2019 година. На четвртата седница на Владата на Република Северна Македонија одржана на 14 септември 2020 година, Владата ја усвои Информацијата на МО и го прифати Акцискиот план за воспоставување на принципот на функционална децентрализација во противпожарната заштита, со воведување на блок дотација за секоја општина, базирана на број на жители, територија и постоечки територијални противпожарни единици“, рече Арсовски додавајќи дека во Акцискиот план планирано е да се направат измени и дополнувања во Законот за пожарникарство и во ова покрај Министерството за одбрана ќе бидат вклучени и Министерството за финансии, Министерството за локална самоуправа, Заедницата на единиците на локална самоуправа и Дирекцијата за заштита и спасување.
На прашањето дали се планираат додатни мерки за намалување на аерозагадувањето, портпаролот Арсовски одговори дека Програмата за намалување на аерозагадувањето, за која за прв пат се издвоија средства продолжи да се спроведува и во 2020 година и речиси е при крај нејзината реализација. Тој подвлече дека таа содржи низа технички мерки за намалување на загадувањето од домашно затоплување, транспортот, индустријата, градежништвото и отпадот и информираше дека:
„1. Во 28 објекти е заменета опрема (нееколошки системи за греење во градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти) со средства од 37,4 милиони денари;
2. Со средства од 36,7 милиони денари, во 28 објекти ја зголемуваме енергетската ефикасност преку замена на столарија и обнова на фасади и кровови во јавни објекти;
3. Во тек е јавна набавка на обновување на дел од урбаното зеленило во општините, во вредност од 5 милиони денари;
4. Во тек е подготовка на јавна набавка за чистење на оџаци, во вредност од 5 милиони денари;
5. Сѐ уште е во тек имплементацијата на мерката за целосна замена на нееколошките енергенси во домаќинствата со високоефикасни инвертер клима – уреди. Мерката се спроведува во Градот Скопје и општините Тетово, Битола и Кичево. Во тек се јавните конкурси за доделување на ваучери по домаќинство во вредност до 60.000 денари. Граѓаните аплицираат во своите општини со бараните документи и со сметка за купен инвертер, но и со обврска за враќање на печка на дрво за да добијат на користење инвертер клима. Голем дел од општините воведоа практика на субвенционирање на граѓаните за набавка на инвертери за домаќинствата, велосипеди, електрични мопеди, енергетска ефикасност и слично. Воедно, дел од општините започнаа со подготовки за изградба на секундарната гасоводна мрежа“.
Портпаролот Арсовски нагласи дека и за 2021 година повторно е проектирана Програмата за намалување на аерозагадувањето и за нејзина имплементација се предвидени 100 милиони денари за објекти за општините за замена на нееколошки системи за греење, зголемување на енергетската ефикасност, обновување на урбано зеленило. Имплементацијата ќе биде преку Генералниот секретаријат, а се работи на измени на законската регулатива и зголемување на казните за прекршоци во животната средина, како и зачестени инспекциски контроли.
Во однос на прашањето за одредени провокативни изјави од одделни личности од Бугарија, портпаролот децидно рече: „Нема нов договор, нема нов Анекс на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија. Во однос на македонскиот јазик, тој е точно заведен токму во овој Договор и таму не постојат дилеми. Во однос на историјата, тоа е работа на Комисијата за историски прашања, која деновиве ја интензивира работата“.