Арсовска не планира оставка, доколку не се усвои буџетот – ќе има избори!

538

Состојбите во Град Скопје кулминираат. Приватните превозници најавуваат порадикални протести од петок, по клучните булевари и раскрсници, а виси и донесувањето на буџетот на Градот за наредната година. Сите погледи се свртени кон градоначалничката Данела Арсовска, а таа ладнокрвно вели дека нема да преговара со луѓе што уценуваат и навредуваат и дека ѝ одговара да има избори за нов состав на Советот на Град Скопје, но нејзина оставка не е во опција

 

Состојбите во Град Скопје кулминираат. Приватните превозници најавуваат порадикални протести од петок, по клучните булевари и раскрсници, а виси и донесувањето на буџетот на Градот за наредната година.

Сите погледи се свртени кон градоначалничката Данела Арсовска, а таа ладнокрвно вели дека нема да преговара со луѓе што уценуваат и навредуваат и дека ѝ одговара да има избори за нов состав на Советот на Град Скопје, но нејзина оставка не е во опција.

Во телевизиско гостување, таа децидно изјави дека локални избори на ниво на Скопје за Советот би имало доколку не се изгласа градскиот буџет до март. Имаше таков случај пред извесно време, во Тетово.

– Доколку советниците одлучат дека не треба да поддржат функционален буџет за граѓаните, за реализација на проектите и за модерно Скопје, тогаш, по автоматизам, нивниот мандат престанува, и ќе си одат на локални избори и ќе си дојдат советници што ќе работат во интерес на граѓаните. Меѓутоа, мој личен впечаток е дека таму има искусни луѓе, и во политиката и како советници, и никој не би понел таква политичка штета за нив – истакна Арсовска.

Таа додаде дека двете најголеми политички партии во државата не може да го прифатат тоа што, како што вели за себе, некој поединец се обидува да смени нешто во градот и во државата. При тоа, градоначалничката нагласи дека единствена коалиција што ја има е со граѓаните.

– И таа им пречи на политичките опции, сите подеднакво ме напаѓаат. Времето на оние политичари што 30 години ја пеат истата песна, полека завршува – децидна е Арсовска. 

Во врска со проблемот со приватните превозници, Арсовска вели дека нема да подлегне на закани и уцени.

– Не се преговара со луѓе кои уценуваат и навредуваат и кои го прават тоа зашто вистината не е на нивна страна – нагласи градоначалничката.

Таа ја префрли одговорноста врз Министерството за внатрешни работи, наведувајќи дека тоа треба да го регулира сообраќајот и оти има заднина тоа што некој сака да направи привид на хаос.

– До каде ќе стигнеме ако секој што има возило или автобус излезе и блокира?! Секој ќе си го дозволи истото. Овој проблем бара системско решение, кое, изгледа, некому не му одговара – потенцираше Арсовска.

Таа ги негира обвинувањата на приватните превозници дека ЈСП им должи еден милион евра и праша, зошто ако е така, не е поднесена опомена пред тужба. Смета дека тоа е „индиција за нешто“. При тоа, додаде дека се детектирани состојби што, како што истакна, не соодветствуваат со тоа што е на терен и затоа најави сериозна истрага и ревизија.

– Има институции, како УЈП и Финансиската полиција, кои се надлежни за тоа – вели Арсовска.

Градоначалничката повтори дека со новиот јавен повик за приватните автобуски превозници, кој го најави Град Скопје, ќе може да се пријават оние што сакаат да работат и чесно да заработуваат.

В петок делумна, в понеделник целосна блокада на Скопје

Приватните превозници в петок ги продолжуваат протестите, кои се пријавени во МВР. Тие со околу 200 автобуси, уште во 6 часот изутрина, ќе го блокираат булеварот „Илинден“ од крстосницата со булеварот „Свети Климент Охридски“ до крстосницата со булеварот „8 Септември“ и обратно. При тоа, крстосниците и приклучоците од другите сообраќајници со булеварот „Илинден“, како и левите негови ленти, ќе бидат со овозможен проток на возила. На овие позиции ќе бидат присутни и околу 300 лица.

Доколку не се најде решение, протестите ќе продолжат и в понеделник, од 6 часот, со целосна блокада на крстосниците кај ТЦ „Мавровка“ (булеварот „Гоце Делчев“ со булеварот „Крсте Петков Мисирков“), крстосницата кај Црвениот крст (булеварот „Кочо Рацин“„ и булеварот „11 Октомври“), како и булеварот „Илинден“, во должина пред и по Градското собрание, на четирите ленти во двете насоки.

Времетраењето на протестот ќе зависи од неговите цели, како и од тоа дали тој ќе биде откажан.

(А.П.)