Ареа, 11-месечно бебе… сите на масовен протест против депонијата Русино

755

Во четвртокот, во доцните попладневни часови, повторно имаа мирен протест со автомобили низ улиците на Гостивар кој беше масовно поддржан од граѓаните, посебно гостиварци кои се обединети кога е во прашање екологијата. Валентина Штерјовска за весникот ВЕЧЕР ги повтори барањата на граѓанската иницијатива „Стоп за Русино-чист воздух за Гостивар“, а тоа се: да се запре горењето на депонијата, да се санира еколошката катастрофа Русино и да се најде нова локација за изградба на регионална депонија според еколошката стратегија на Македонија за изградба на регионални, а не општински депонии

 

Граѓанската иницијатива „Стоп Русино-чист воздух за Гостивар“ не се откажува од настојувањето конечно да се реши проблемот со депонијата „Русино“, која постојано гори и им штети на здравјето на граѓаните. Тие во четвртокот, во доцните попладневни часови, повторно имаа мирен протест со автомобили низ улиците на Гостивар кој беше масовно поддржан од граѓаните, посебно гостиварци кои се обединети кога е во прашање екологијата. Некои од нив дојдоа и на велосипеди.

-Доста впечатливо беше тоа што имаше многу млади брачни парови со многу мали деца на велосипед кои беа со порака „Мамо, сакам да дишам чист воздух“ – вели Валентина Штерјовска од граѓанската иницијатива „Стоп Русино-чист воздух за Русино“.

На протестот дојде и кучето Алф заедно со своите сопственици. Исто така, поддршка за протестот дадоа и гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари, кој исто така беше дел од дефилето како и еколошкото друштво „ГВ-Еко“. И членовите на рок групата „Ареа“, на чело со Ружица, се едни од најревносните гостиварски екологисти. Најмал во групата беше малиот Исајлоски, чиј татко на Фејсбук постираше фотографија и објави: „Денеска ова чоече наполни 11 месеци и заедно со другите батковци излезе на протест за нивната иднина со чист воздух во Гостивар“.

Освен тоа, протестот го поддржаа и жителите од околните села Сушица, Бањица…

-Селаните од Сушица истакнаа дека во ова село повеќе нема живот. Порано саделе земјоделски култури и овошки, а велат сега од тоа нема ништо, бидејќи сè е загадено и исушено. Селаните си заминуваат, а селото останува празно – истакна Штерјовска за весникот ВЕЧЕР.

Таа додаде и тоа дека и селаните од Бањица се пожалиле оти познатото Бањичко поле се наводнува со загадената Сушичка Река од Русино и на него повеќе не може да се сади.

Штерјовска вели дека и вечерта по завршување на протестот депонијата горела, а гостиварци морале да ги затворат прозорците и да ја поминат ноќта со чад и смрдеа во воздухот. И утринава огромен чад го надви Гостивар. „Ова ли е одговорот на синоќешниот протест?“, се прашуваа гостиварските екологисти.

Нашата соговорничка ги повтори барањата на граѓанската иницијатива „Стоп за Русино-чист воздух за Гостивар“, а тоа се: да се запре горењето на депонијата, да се санира еколошката катастрофа Русино и да се најде нова локација за изградба на регионална депонија според еколошката стратегија на Македонија за изградба на регионални, а не општински депонии.

(А.П.)