Кога ќе се спојат музичките волци во еден бенд!
„Тајфата“ си е како вистинска тајфа, кога ќе се фати да сработи нешто, тоа станува Хит-национале. Не испуштаат од раце! Нема мрдање. Како оние вистински волци, но од музичката фела. Така е и овој пат, без промашување. А, и имаат со што да се пофалат. Освен нов атрактивен спот, кој е изработен од „Fan Production by Zoran“, нова песна – „Девојче калешо“, момците имаат и нов член, добро познатиот музичар Горјан Стојановски. А, кој е, всушност, Горјан? За пошироката македонска публика, тој долги години беше член на „Скопски боеми“, а потоа стана постојан успешен соработник во популарната фолк ТВ-емисија „Мерак меана“, на телевизија „Сител“.
–
– За моето доаѓање во бендот, се договорив со момците од „Тајфата“ за многу кратко време. Тие се, според мене, најдобрите музичари, гледано како целосен производ на естрадата. Тоа не е фалење, туку тоа се докази, кои велат дека „Тајфата“ функционира со полна пареа – задоволно вели Горјан.
За оние што не знаат, тој, истовремено, веќе две децении е дел од македонската музичка естрада, вработен е како виолинист во Македонската опера и балет. Исто така, тој е член на Комората на музичката индустрија, но и претседател на Здружението на естрадни уметници на Македонија (ЗЕУМ). Многу функции и многу работа, но кога се сака, сè се постигнува, се наоѓа време. Па и кога дојде во „Тајфата“, веднаш најде време за снимање на таа нова песна – „Девојче калешо”. Воедно, песната, која ги освои срцата на публиката, најавува многу нови проекти во блиска иднина, во пролет и во лето.
–
Како комплетен автор на новата песна се потпишува главниот вокал во групата, маркантниот прилепчанец Владимир Богески. Снимена е во професионалното „R Music Studio” на Рубин Димкоски.
Нивните обожаватели, а, секако, и естрадните новинари, гласно и јасно коментираат дека ова е уште еден полн погодок на оваа позната музичка група, која е мошне популарна во цела Македонија. Може да се каже дека со право ги препознаваме и по нивните специфични ноќни журки во ноќните клубови и ресторани, за кои потоа долго се раскажува.
Но и преку нивниот вкусно одабран имиџ, господскиот начин на облекувањето. А, така ќе биде и со песната „Девојче калешо“, која веќе освојува на „прва топка“. Што се вели народски, ќе се вљубите во мелодијата и во стиховите на „прв поглед“, на прво слушање.
Дуле Миќиќ/фото:архива