Македонската кошаркарска федерација (МКФ) доби нов претседател, откако на Изборното Собрание со мнозинство гласови беше изгласан еден од најдобрите кошаркари на Македонија, Перо Антиќ, кој воедно беше и единствен кандидат.

Досегашниот прв човек, Петар Наумоски, воопшто не влезе во трка по нов мандат, додека непосредно пред изборната трка се повлече и спортскиот директор Владимир Темелковски.

На Собранието право на глас имаа 26 клубови, здруженија и асоцијации, со тоа што спорни беа полномоштвата на судиите и делегатите на „баскеташите“, бидејќи според Верификациската комисија тие не се валидни. Исто така со мнозинство гласови „За“ беше прифатена и одлуката за промена на називот на федерацијата, од Македонска Кошаркарска Федерација во Кошаркарска Федерација на Северна Македонија.

  • Со добар тим, добра програма и стратегија ќе ја вратиме кошарката постепено каде што заслужува. Заедно со медиумите кои се од голема помош се надевам на подобри денови во кошарката. Ќе направиме се младите се повеќе да ја засакаат оваа игра, да се вратат навивачите на трибините и се разбира, репрезентацијата да биде на едно повисоко ниво, изјави Антиќ.

Антиќ беше предложен и поддржан од 15 членки, а тој ќе биде деветтиот претседател на Куќата на кошарката, по Благоја Самакоски (1992-1993), Зоре Темелковски (1993-1997), Јордан Камчев (1997-1999), Горан Рафајловски (1999-2001), Леонид Гајдаџиев (2001-2004), Драгољуб Арсовски (2004-2005), Даниел Димевски (2005-2015) и Петар Наумоски (2015-2019).

Заедно со него на „власт“ доаѓаат Тодор Гечевски како соработник на првиот човек на Федерацијата, како и поранешниот кошаркар на Балкан Стил, МЗТ Скопје и Куманово, Владимир Георгиевски.

Кошаркарската кариера на Антиќ започна во тимот на Работнички, а потоа преку АЕК, Црвена звезда, Лукоил Академик, Локомотив Кубан, Спартак Санкт Петербург стигна во Олимпијакос со кој освои две титули во Евролигата. Потоа стана и прв Македонец во кој заиграл во силната НБА лига, настапувајќи две сезони за Атланта, по што се врати во Фенербахче со кој по третпат се искачи на европскиот трон. Последна „станица“ во играчката кариера му беше Црвена звезда во 2017/18 сезона. Исто така пред речиси две години стана и акционер и почесен претседател на кошаркарскиот клуб Гостивар.