Антиглобалистичка „операција Робин Худ“ против „Гугл“ во Париз

50

Антиглобалистичката организација Атак денеска одржа протест пред седиштето на „Гугл“ во Париз, од кој ја повикаа француската Влада да им наплаќа данок на гигантите од дигиталната и информатичка технологија во Франција и тие да се откажат од нивните практики на затајување данок.

Како што јави дописникот на МИА, 50-тина членови на Атак, маскирани како Робин Худ, се собраа во раните утрински часови пред седиштето на „Гугл“, со цел симболично да „украдат десетици милијарди евра” и да ги пренесат во Центарот за јавни финансии, што се наоѓа од другата страна на улицата.

– Додека Французите ја добиваат нивната прва пресметка за платите со интегрирана задршка за данок на лични приходи и кога движењето на „жолтите елеци“ во центарот на вниманието ја постави темата за праведен данок, Aтак ја продолжува својата суштинска работа со цел мултинационалните компании конечно да плаќаат данок според вистинските приходи, изјави портпаролот на Атак, Доминик Плихон.

Поддршка на учесниците на „операцијата Робин Худ” со свое присуство им изрази пратеничката Клементин Отан од редовите на левичарската партија Непокорна Франција.

– Јас сум тука за да ја поддржам акцијата на Атак против „ГАФА“ („Гугл“, „Епл“, „Фејсбук“  и „Амазон“) и воопшто против даночното затајување, објасни таа.

Според податоците на Атак, француската подружница на „Гугл“ во 2017 година платила 14 милиони евра данок за добивка за пријавен промет од 325 милиони евра.

Движењето смета дека интернет гигантот „делокализира повеќе од 85 проценти од прометот“ направен во Франција и дека данокот кој Владата оваа година ќе го наплати од компаниите „ГАФА“ ни од далку не е доволен.

Наместо тоа, Атак препорачува „глобален данок”, кој ќе се наплаќа од добивката на мултинационалните компании „врз основа на проценка на нивните вистински активности во секоја земја”, врз основа на бројот на вработени, фабрики и продавници или уделот на пазарот.