Антиваксер на чело на комисијата која ги разгледува мерките за време на пандемијата во Словачка

13

Словачката министерка за здравство Зузана Долинкова во петокот објави дека се повлекува од функцијата поради поддршката на владата за истакнат антиваксер и недоволната приоритизација на здравствената заштита.

Жалам што на ниво на владина коалиција има поддршка за идеите на владиниот претставник, кои според мене не наоѓаат научна поткрепа“, рече Долинкова на прес-конференцијата и додаде дека официјално ќе поднесе оставка во наредните денови.

Петер Котлар, владиниот претставник задолжен за истражување на управувањето со пандемијата во Словачка и еден од најистакнатите антиваксери во земјата, го претстави својот извештај во четвртокот – кој најмногу се заснова на теории на заговор, пишува Политико.

Во извештајот се тврди дека пандемијата била „чин на биотероризам“ и „лажна операција“.

Набргу по неговиот реизбор минатата година, премиерот Роберт Фицо ја поддржа иницијативата на крајнодесничарската Словачка национална партија (СНС), една од членките на коалицијата, за создавање комисија за истрага на мерките за пандемијата.

„На словачката јавност едноставно и треба одговор за вакцините… зошто луѓето беа вакцинирани со различни експериментални вакцини без никакви тестови, зошто сите видови лекови се вбризгуваа во луѓето… и што всушност се случи за време на Ковид“, рече Фицо, кој беше критички настроен кон маските и вакцините за време на пандемијта.

Котлар, кој потекнува од СНС, беше назначен на функцијата свој пратеник во јануари.

Во својот извештај, Котлар препорача владата да ја прекине вакцинацијата со mRNA вакцини и да одбие да потпише глобален договор за пандемијата, како и ажурирани регулативи на Светската здравствена организација.

Словачкото Министерство за здравство не го коментираше конкретно извештајот, но во четвртокот во изјавата – гласно прочитана во парламентот – рече дека тој секогаш „се потпира на научни факти и наоди“.

„Министерството за здравство презеде мерки за проширување на мрежата за вакцинација… Регистрацијата за вакцинација е доброволна и Министерството сака да обезбеди можност за вакцинирање на сите жители на Република Словачка“, се вели во соопштението.

Долинкова, од социјалдемократската партија Хлас (Глас), е критична и за новите буџетски кратења кои се дел од новиот владин пакет за консолидација за намалување на фискалниот дефицит во земјата, што значително ќе влијае на здравството, особено на платите на работниците.

„Верувам дека овој пакет за консолидација е неприфатлив за словачкото здравство… како министер за здравство, не можам да гарантирам дека здравствениот сектор оди во вистинската насока“, рече таа.

Долинкова додаде дека не чувствува доволно политичка поддршка за да продолжи.

Министерката беше критикувана и од власта и од опозицијата за лошото работење. Таа преживеа едно гласање недоверба, а опозицијата поднесе уште едно барање за нејзина смена на почетокот на септември.