Легендата кажува дека кралот на Пергамон, Атал Втори, ги испратил своите војници да му најдат место за подигање град, убаво како рајот, посакувано од сите кралеви и владетели. Градот што го изградил на местото што го маѓепсало со убавината го нарекол по себе, Аталеија, а него навистина го посакувале сите владетели. Па така, со Аталеија, денес Анталија, владееле Римјаните, Византијците и Селџуците, додека Османлиите ја освоиле кон крајот на 14 век. Ја посетиле и многу познати историски личности, вклучувајќи ја и Клеопатра. Се смета дека таму престојувал и апостолот Павле, но со сигурност се знае за посетата на римскиот император Хадријан во 130-тата година, бидејќи тогаш во негова чест била изградена чудесната Хадријанова порта која се смета за најважен и најелегантен споменик од антиката и е еден од најсочуваните во Анталија. Денес модерна Анталија, која подеднакво маѓепсува како и пред два милениума, ја „освојуваат“ туристите
Анталија ја нарекуваат престолнина на турскиот туризам. Кој бил таму, сфатил зошто. Со песочни плажи, некои долги и по два километра, бистро море и планина на која зиме се скија, 300 сончеви денови во годината, ноќен живот и културни настани како во најголемите светски метрополи, хотели со пет ѕвезди со љубезен персонал, бујна вегетација, изобилство на докази дека таму се живеело уште пред милениуми, Анталија е магнет за туристите од целиот свет, но е омилено место за летување и на домашните.
Со група новинари од Скопје, гости на Амбасадата на Турција и Турската агенција за промоција и развој на туризмот, имав ретка прилика Анталија да ја доживеам од еден друг агол, многу поширок од оној вообичаениот, туристичкиот. Во градот позициониран во истоимената област во југозападниот дел на земјата пристигнавме по шест часови возење со автобус од Мармарис, качувајќи се по планина на височина од над две илјади метри, низ прилично монотон пејзаж составен од голи планински врвови, обелени од дебели слоеви мермер. Но глетката што нè дочека на влезот во градот ги избриша сите траги на замор од долгото патување. Од едната страна карпа низ која се слева водопад, покрај него издлабени ликот на таткото на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк, и зборовите кои ги кажал кога прв пат го видел градот: „Анталија е најубавиот град на светот“. Од другата страна видиковец од кој во длабочината се издигаат високи бели кули обвиени во маглина од морските испарувања и бујно зеленило на самата граница на градот.
Анталија ја нарекуваат и рај на земјата. Така местото на кое е изградена го видел и кралот на Пергамон, Атал Втори, кој во вториот век пред нашата ера основал град што го нарекол по себе, Аталеија, од каде потекнува и денешното име Анталија. Легендата кажува дека тој ги испратил своите војници да најдат место за да подигне град, убаво како рајот, посакувано од сите кралеви и владетели. И навистина било така. Аталеија ја посакувале сите владетели, па со неа владееле Римјаните, Византијците и Селџуците, додека Османлиите ја освоиле кон крајот на 14 век. А освен Ататурк, овој град го посетиле и многу познати историски личности, вклучувајќи ја и Клеопатра.
Се смета дека таму престојувал и апостолот Павле, но, со сигурност се знае за посетата на римскиот император Хадријан во 130-тата година, бидејќи тогаш во негова чест била изградена чудесната Хадријанова порта која денес се смета за најважен и најелегантен споменик од антиката, еден од најсочуваните во Анталија.
Грандиозната порта е од бел мермер, има три лака со коринтски столбови и декорирана е со раскошни релјефи. Од двете страни има по една кула, од кои јужната е надградена во време на Селџуците. Оригинално, над портата имало уште еден кат, но тој не е сочуван. Како сите приморски градови и Анталија има своја тврдина, а единствениот влез во неа е токму Хадријановата порта. Тврдината го обиколува стариот град, кој Турците го нарекуваат Калеичи, а дека во него низ портата на Хадријан се влегувало со кочии доказ се вдлабнатините на плочникот.
Воодушевувањето од раскошот на портата расте со првиот чекор направен под неа, кога ќе се отвори видикот низ стариот отомански град, прилично голем, со улици обложени со камени плочи, во кој на магичен начин се мешаат здивот на минатото и пулсот на сегашноста. Старите големи отомански куќи сега се мали, симпатични хотели и хостели со базенчиња и фонтани во дворовите, продавници или кафетерии. Во прошетката низ улиците сретнавме продавач на ѓевреци, кој тепсијата со овие традиционални печива ја носеше на глава. Кога разбра дека сме новинари од Македонија љубезно се насмевна и фати поза да го сликаме. Добивме и објаснување дека во Турција ѓеврекот се вика симит, а ѓеврек има само во Измир.
Прошетката низ Калеичи заврши во најстариот парк на Анталија – Каралиоглу, од кој пука поглед на морето и марината. Веднаш до него се најбогатите модерни куќи во Анталија, а во близина е и куќата во која престојувал Ататурк трите пати кога го посетил градот. Сега таа е музеј во кој се изложени негови лични предмети, но може да се види и како живееле повисоките слоеви во тогашна модерна Турција.
На неколку километри од модерниот град кој пулсира забрзано мами вистинско археолошко богатство – античките градови Аспендос и Перге и аквадукт кој ги снабдувал со вода.
Остатоци од Аспендос, град за кој се верува дека е стар две илјади години се пронајдени на 50 километри источно од Анталија. Одлично сочуван и во функција до ден-денес е амфитеатарот од вториот век кој има форма на идеални 180 степени, што покажува дека е од римскиот период, зашто хеленистичките градби од тој тип се во форма на потковица. Театарот освен што го сметаат за архитектонско ремек-дело од тоа време, карактеристичен е и по одличната акустика. Тој е една од најубавите и најдобро зачувани антички градби во светот. Го изградил Зенон, а во врска со него има една легенда, толку убава, што многумина сметаат дека е вистина. Легендата вели дека императорот Марко Аврелиј разгласил дека својата многу убава ќерка ќе му ја даде на човек кој ќе направи нешто значајно за градот.
Кога бил изграден амфитеатарот, императорот отишол да го види и се качил на најгорните седишта, а оттаму јасно го слушал Зенон како од подиумот шепоти „Зенон ќе се ожени со ќерката на императорот“. Така и се случило, зашто императорот бил одушевен од акустиката што ја постигнал Зенон. А на само неколку километри оттаму има остатоци од римски аквадукт, чиј градител, според легендата се натпреварувал со Зенон за раката на ќерката на императорот. Останат е само мал дел од грандиозната градба, но и тој одушевува со својата висина од дваесетина метри и со, за тоа време, иновативниот систем за пренос на водата до градот.
Стадион со 12.000 седишта, театар, агора, колонади од столбови, темели од продавници и куќи, некропола… пронајдени се во големиот археолошки локалитет Перге, на само 15 километри од Анталија. Интересно е тоа што влезот во градот бил преку порта изградена од Римјаните, многу слична на Хадријановата во Анталија, од која сега има остатоци. Главната улица што водела од неа била ограничена со колонада од столбови, кои сè уште постојат. Театарот е затворен за посетители зашто се реставрира, но новинарската екипа од Македонија доби ексклузивна можност да ѕирне и во него.
Таму се пронајдени голем број статуи кои сега се чуваат во Музејот на Анталија, кој пак важи за еден од музеите со најголема колекција на антички статуи во светот. Изложени се статуи на богови и божици, императори, саркофази, релјефи…, меѓу нив и статуа на Александар Велики. Најновата поставка е статуа на жена која датира од пред 1.700 години, а е пронајдена годинава во Перге. Во музејот има и богата збирка на монети и предмети од отоманскиот период, накит и други артефакти.
И од далечното минато, назад во сегашноста. Во Анталија има уште многу да се види, како на пример паркот Дудeн со атрактивни водопади кои се слеваат во водите на Медитеранот. А таму, на височината над паркот се издига „споменик“ на актуелната корона-криза – прекрасна раскошна нова зграда која сега е празна, зашто компанијата која ја поседувала работела во областа на туризмот и неодамна пропаднала.
Денес Анталија има околу милион жители. Главна дејност на населението, верувале или не, е земјоделството, а не туризмот, иако во сезона градот е преполн со туристи, па во него престојуваат и до два милиона луѓе. Дека жителите на Анталија се вредни земјоделци се гледа по оранжериите и обработените ниви со памук, сусам, разен зеленчук, овоштарниците со калинки и цитрусно овошје насекаде околу градот. Жителите всушност, како што ни кажаа, преку лето го напуштаат градот и од жештината и влагата во воздухот бегаат на планината Торос која надвиснува над целиот јужен брег. Одат на своите имоти во селата наречени јајла, каде одгледуваат овошје и зеленчук. Дома се прибираат дури кога ќе почне школската година, а дотогаш својот град со убавина што маѓепсува им го препуштаат на туристите и на персоналот на безбројните хотели, вили и апартмани за сместување.
Оваа година, кога туризмот замре секаде низ светот поради пандемијата и во Анталија беше десеткуван. Според расположливите статистички податоци од турското Министерство за култура и туризам, од почетокот на годинава до крајот на септември, Анталија угостила нешто над два милиона туристи, најмногу Руси и Британци. Тоа е намалување за над 80 проценти, иако Турција промовира безбеден туризам што е видливо во туристичките места, вклучувајќи ја и Анталија, а е и една од ретките држави која прима гости без ковид-тестови и слични ограничувачки процедури.
Светлана ВУКЧЕВИЌ