Изложба која Скопје досега ја нема видено! Ексклузивната изложба во фоајето на МОБ ни овозможи: да уживаме со сите сетила во: 32 големи постери на групата, 15 оригинални плакати од 60-тите години од минатиот век, повеќе од 200 селектирани фотографии од нивните патешествија на речиси сите континенти, омоти од тогашните големи и мали тиражни грамофонски плочи, од аудиокасети, ЦД, ДВД, студиски ленти, флаери од концертните настапи…Од една долга и премногу плодна музичка кариера за почит!
Скопје и Македонија емотивно ја доживеаја ексклузивната изложба од 65-годишното постоење на легендарниот музички ансамбл „Мањифико“. Сè се случи во еден здив. Таков е впечатокот. А, патувањето беше низ сликите создавани за тие 65 години, со сите спомени, кои ги разбудија емоциите, но и предизвикаа солзи радосници кај присутните. Еден куп чувства! За едно поминато време, за кое често велиме дека беше поубаво, поискрено, подружељубиво. Можеби и да е така, но едно е сигурно: ансамблот „Мањифико“ зад себе остави неброено многу испеани песни (над 320 композиции од кои 220 се носачи на звукот, а 80-ина песни се снимени за музичките програми за 30-ина радиостаници низ Југославија и Европа) кои и денес се слушаат.
Најчесто, “Que Noces Ta Negras“, “Hace un anno“, “Ole muchacha“,“ Desde que quiero“, “Cartajenera“, “Las Mananitas (Мама Хуанита)“… Иако тие песни не беа на македонски јазик, сепак како асамбл од овие географски простори низ светот, преку своите настапи ја популаризираа родната грутка. Впрочем, за тоа колку уверливо членовите на групата „Мањифико“ ги изведувале латиноамериканските песни, зборува и симпатичната анегдота која се прераскажуваше меѓу новинарите.
–
По официјалниот дел од разговорите, претседателот на тогашната СФРЈ, другарот Тито, приредил прием за неговиот гостин, претседателот на Мексико, Лопез Матеос. Тој во Белград допатувал со сопругата и ќерката. Беше многу воодушевен од настапот на ансамблот „Мањифико“, за време на коктелот и ручекот. Матеос, тогаш дискретно го прашал Сојузниот секретар за надворешни работи, Коча Поповиќ: – Оваа група толку добро пее…. а, не се од Мексико. Тогаш кажете ми од која Латиноамериканска држава се? Кога го слушнал одговорот дека се од (тогашната) Југословенска Република Македонија, претседателот Матеос 20-ина минути не можел да поверува во одговорот на Коча.
Инаку, „Мањифико“ официјално се формирани 1959 година. Во текот на своето успешно постоење имаат реализирано стотици самостојни концерти на сите континенти кои ги проследиле над 8.500.000 посетители. Тоа е фасцинантна бројка. Во составот музицираа десет постојани и двајца повремени музички уметници:
Невенка Кочовска – вокален солист, Пантелеј – Панче Кочовски – вокален солист, ритам гитара, уметнички менаџер, Крсто Таушанов – солист на гитара, Петар Галев – бас гитара и вокал, Димитар Томов – ритам гитара и вокал, Јане Коџобашија – ритам гитара и придружен вокал, Хозе Свиличиќ од Аргентина – клавијатури и харфа, Владимир Нигојевиќ од Боливија – вокален солист и ритам гитара, Димитар Павловски-Денки – солист на гитара и придружен вокал, Миле Барбаровски- тапани, Миле Лукаров – клавијатури, Коце Икономов – солист на гитара и вокал, Борис Низамовски – менаџер на ансамблот. За големата популарност на „Мањифико“ сведочат и над 140 получасовни и едночасовни ТВ-шоу емисии кои се снимени во 16 телевизиски студија во Европа и поранешниот СССР.
Како и две значајни репортажи за продукциската куќа „Филмске новости“, чии „Журнали“ се емитуваа во киносалите низ поранешна Југославија, пред почетокот на секој игран филм.
На самата изложба во фоајето на МОБ, пред посетителите се најдоа: 32 големи постери на групата, 15 оригинални плакати од 60-тите години од минатиот век, повеќе од 200 селектирани фотографии од нивните патешествија на речиси сите континенти, омоти од тогашните големи и мали тиражни грамофонски плочи, од аудиокасети, ЦД, ДВД, студиски ленти, флаери од концертни настапи… Од една долга и премногу плодна музичка кариера за почит.
Таа есенска ноќ во скопскиот МОБ дојдоа најверните пријатели на „Мањифико“ и вечните вљубеници во нивните песни. Дојдоа, секако и ќерките на Невена и Панчо Кочовски, на сите нам добро познатите и омилени Тања и Лидија, заедно со својот татко. Малку е да се каже дека се „пукаше“ од силните чувства, од спомените, од прераскажувањата за случувањата со членовите на ансамблот во текот на нивните турнеи, настапи, дружењата со значајни светски личности од разновидни професии.
Меѓу тие средби не се забораваат и настапите на „Мањифико“ пред маршалот Јосип Броз Тито и неговата сопруга Јованка. Исто така, во убави сеќавања се и нивните гала-концерти во Загреб и Риека на 7 и 8 март 1963 година, на кои ансамблот настапуваше заедно со Тони Далара, победникот на тогаш толку популарниот италијански фестивал „Сан Ремо“. Д.М. фото: архива и ФБ