„Одлуката инструментот гајда да биде заштитен од УНЕСКО има големо значење пред сè за државата, но и за нас музичарите кои го изучуваме и свириме овој инструмент. Иако сум млад изведувач на овој инструмент, како дел од моето музичко образование формално и неформално, имав можност да научам да свирам на гајда, како од моите професори, така и од старите гајдаџии од македонските села кои ми го пренесоа своето знаење. Имав можност и да видам како се изработува гајда и научив сам да ја поправам и да правам писки за неа. Мислам дека Пеце Атанасовски, кој беше познат изведувач на гајда и придонесе многу за нејзината афирмација, како и за етаблирање во македонскиот фолклор, би бил горд што Македонија заедно со Турција успеа да ја заштити изработката и свирењето на овој инструмент. Лично мислам дека сè додека има гајдаџии, односно млади деца кои го свират овој инструмент и додека имаме мајстори кои го изработуваат, таа ќе живее кај нас“, вели за весникот ВЕЧЕР, Андреј Трајковски, младиот 26-годишен музичар, кој не само што свири на гајда, туку е и предавач за овој инструмент. Тој додава дека е исто така е горд што има можност да го пренесе своето знаење и што сè уште има млади кои сакаат да го изучуваат и да свират на гајда.

„Има и млади кои почнаа да ги изработуваат народните инструменти иако таа бројка во Македонија се сведува на десетина, додека има околу стотина свирачи кои свират на овој инструмент, професионално или аматерски. Свирењето на гајдата не е лесно, но звукот што го произведува го допира срцето и ги чува корените и нашата традиција“, истакнува Трајковски, додавајќи дека порано во секоја куќа во Овчеполието, во Гевгелиско, и од многу други области во Македонија, гајда била присутен  инструмент.