Ретроспективната изложба „50 години творештво“ на Ангел Димовски-Чауш деновиве беше отворена во Ликовниот салон во Велес, во организација на Народниот музеј Велес. Публиката до 15 март ќе може да погледне 20 негови дела – скулптури изработени во бронза и алуминиуми, како и творби слики – објекти, каде што скулптурата и сликарството се испреплетуваат. Оваа изложба на почетокот на февруари беше отворена во „Чифте-амам“ во Скопје. Во Ликовниот салон во Велес заради помалиот простор е претставен само дел од неа.
За делото на Димовски-Чауш, роден во велешкото село Крнино, зборуваше Елица Николова, историчар на уметноста од Народниот музеј. Таа рече дека во творештвото на Чауш доминантно е вајарството од кое во Ликовниот салон се поместени 20 скулптури изработени во бронза и алуминиум, од кои може да се добие увид во големината на неговиот вајарски талент, иако тој твори скулптури и во други различни материјали, како дрво, мермер и нивно комбинирање.
-Во вајарството на Чауш, во мотивите секогаш е доминантен човекот, сепак најчесто ваја женски фигури, во свои модулации на антропоморфни и зооморфни облици, форми во кои препознаваме екстремитети, нагласени или атрофирани, секогаш набиени со биолошка сензуалност. Динамичната пластична маса, пластично експресионистичко стилизирана, најчесто во долните екстремитети е помасивна, потсетувајќи не на познатата Вилендорфска Венера, но, брановидно расчленета. Фигурите со вознемирена форма, со динамично извиени ритмизирани структури, во горниот дел се обликувани во поширок спектар елегантно издолжени-извиени, со глава различно обликувана, топчеста, елипсовидна, расчленета, а често потсетува на праисториските дами со птичје лице, богато украсени со накит, со постигната технолошка перфекција во обликувањето на металот, посочи Николова.
Ангел Димовски – Чауш (роден во 1952, во Крнино, Велес), Факултет за применета уметност, отсек вајарство, завршил во 1973 во класата на професор Димо Тодоровски. Во следните четири години студирал Историја со археологија на Филозофскиот факултет, а со отворањето на Факултетот за ликовна уметност во 1980 се префрлил на оваа високошколска институција на отсекот за вајарство со театарска, филмска и телевизиска сценографија. Дипломирал во класата на професорот Петар Хаџи Бошков во 1984. Самостојно изложувал во земјава и во странство, а остварил и повеќе студиски патувања во земји како Франција, Италија, Шпанија, Германија, Грција, Египет, Турција, САД… Голем број негови дела се наоѓаат во приватните колекции на познавачи на уметноста од Америка, Европа и од Африка. Од 1984 е член на ДЛУМ и од 2002 и на Француското друштво на ликовни уметници La Maison Des Artistes. Живее и работи како слободен уметник во државава и во Франција.