Ангеловска-Бежоска: СЕПА ќе придонесе и за намалување на користењето готовина

55

Народната банка, во својство на регулаторна и надзорна институција за давателите на платежни услуги во земјава, го поднесе формалното барање за пристапување на земјава во единствената област за плаќања во евра (СЕПА), што претставува клучен исчекор за понатамошен развој и интеграција на домашниот финансиски систем во европскиот економски простор. Членството на земјава во СЕПА ќе донесе бројни придобивки за граѓаните, фирмите и за целокупната економија, преку обезбедување побрзо, поефикасно и поевтино плаќање во евра кон и од земјите членки на СЕПА, поедноставување на процедурите, поголема транспарентност и засилена заштита на потрошувачите.

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која го потпиша барањето, истакна дека предностите од пристапувањето во СЕПА се многу значајни за граѓаните и за компаниите, имајќи предвид дека најголемиот број од плаќањата со другите држави (или странство) се извршуваат во евра.

– Минатата година, 87 % од вкупните одливни плаќања, односно 77 % од вкупните приливни плаќања со странство кај домашните банки се извршени во евра – вели Ангеловска-Бежоска.

Таа истакна дека ефикасноста на плаќањето во СЕПА ќе придонесе и за намалување на користењето готовина, ставајќи ја во преден план употребата на дигиталните начини на плаќање и поддржувајќи го преминот кон дигитално општество.

СЕПА носи повеќекратни придобивки за граѓаните, стопанството и за давателите на платежни услуги. Граѓаните ќе можат поевтино, побргу и поедноставно да примаат и да испраќаат парични средства во евра, во земјите од СЕПА. Фирмите ќе можат полесно да се вклучат во прекуграничната трговија со стоки и услуги во земјите од областа на СЕПА, да го прошират својот бизнис и да ја зголемат конкурентноста. Пристапувањето, за нив, подразбира и пониски надоместоци, како и подобрено управување со паричните текови, имајќи предвид дека трансферите на СЕПА вообичаено се обработуваат во рок од еден работен ден, а кај инстант плаќањата, преносот на паричните средства ќе се извршува за 10 секунди најмногу, во кое било време во текот на денот, односно во рамките на вообичаеното работно време, но и надвор од работното време, како и за викендите и за празниците (24 часа седмично). Со пристапот до СЕПА, домашните даватели на платежни услуги ќе добијат можност да бидат учесници во платните системи (платежните шеми) во областа на СЕПА, што ќе обезбеди директни релации со многу странски даватели на платежни услуги и намалување на нивните трошоци, кои произлегуваат од кореспондентното банкарство, а тоа ќе придонесе за побрзо и поевтино плаќање во евра за граѓаните и за компаниите во земјата.