Ангеловска-Бежоска – Османи: Народната банка е посветена на евроинтегративните процеси

129

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска денеска оствари работна средба со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, на која било разговарано за заложбите на Народната банка за исполнување на насоките на Европската унија дадени минатата година во однос на Програмата за економски реформи.

На средбата, како што информираат од Народната банка, било нагласено дека регулативата и практиките во централнобанкарското работење кај нас се одликуваат со голем степен на усогласеност со европските.

Вицепремиерот Османи, посочил дека Народната банка, како независна институција во чија надлежност е монетарната политика, е една од клучните институции од кои се очекува да придонесат во создавањето на преговарачката структура и подготовката на државата за предизвиците на преговорите, особено во делот на економските поглавја.

Османи, исто така, изразил задоволство од досегашната соработка меѓу двете институции, особено во рамките на текот на т.н. објаснувачки скрининг, во чии рамки досега веќе се отворени неколку поглавја од сферата на економијата.

Ангеловска-Бежоска, нагласила дека Централната банка е цврсто решена да даде максимален придонес за приближувањето на нашата економија кон европското семејство.

– Посветено и континуирано работиме и на натамошно усогласување на регулативата којашто е во наша надлежност со регулативата на ЕУ. Особено би ги потенцирала промените во законската регулатива во однос на банкарскиот систем, коишто ќе придонесат за натамошно зацврстување на финансиската стабилност, како и промените коишто се однесуваат на платежните услуги и платните системи. Постојано сме посветени и на усогласувањето на централнобанкарската статистика со европските барања, изјави Ангеловска-Бежоска.

Во процесот на пристапување кон ЕУ, се вели во соопштението, централната банка активно учествува со свои претставници во националната преговарачка структура за пет поглавја од европското законодавство.

На средбата било нагласено дека во контекст на очекуваното забрзување на евроинтегративните процеси, Народната банка ќе продолжи со јакнењето на своите капацитети за да може и натаму да дава максимален придонес во чекорењето по европскиот пат на земјава.

Ангеловска-Бежоска и Османи, на средбата, изразиле задоволство од успехот на Република Северна Македонија, што го постигна влегувајќи во втората фаза од спроведувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ, што, како што се наведува во соопштението, создава исклучителен потенцијал за економското поврзување на земјава со земјите членки на Унијата, како важна основа во создавањето услови и потенцијали за полесен влез на странски директни инвестиции коишто доаѓаат од Унијата и воопшто, за унапредување на економската размена со ЕУ.