Уметничката директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“, Ана Стојаноска, ќе биде член на жирито на официјалната програма на претстојното 63. издание на МЕСС -Меѓународен фестивал на мали и експериментални сцени во Сараево.
Еден од најпрестижните фестивали во регионот ќе започне на 30 септември, а ќе трае до 8 октомври. Стојаноска ќе ги оценува претставите заедно со Марина Катниќ-Бакаршиќ, професорка на Факултетот за сценски уметности во Сараво и Јана Баскау, продуцентка од Германија.
МЕСС ќе биде отворен со претставата „Калигула“ на Националниот академски драмски театар „Иван Франко“ од Украина, а европскиот театар низ 12 претстави ќе се претстави со дела од Англија, Литванија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина. На фестивалот не учествува театарска куќа од Македонија.
Писателката и професор Ана Стојаноска е авторка на романи и драмски дела, стотина студии и огледи објавени во македонски и странски списанија, како и коавтор на неколку театарски монографии. Пишува и театарски критики. Нејзината поезија и проза се објавени во многу македонски и меѓународни зборници.