Северноамериканската воздушна одбранбена команда (НОРАД) соопшти дека нејзините сили на 11 мај откриле, следеле, позитивно идентификувале и пресретнале шест руски авиони кои дејствувале во воздушната идентификациска зона и во нејзина близина.
НОРАД истакна дека руските авиони останале во меѓународниот воздушен простор и не влегле во американскиот или канадскиот суверен воздушен простор. Сето ова се случи во време кога на Алјаска се одржуваат неколку големи воени вежби на Армијата на САД.
Русите летале со бомбардери ТУ-95, транспортни авиони ИЛ-78 и борбени авиони СУ-35. Откако биле забележани руските авиони, во мисијата на НОРАД учествувале ловци Ф-16 и Ф-22, товарен авион Боинг КЦ-135 и шпионски авион Е-3 АВАКС.
Оваа руска активност во северноамериканската воздушна идентификациска зона се случува редовно и не се смета за закана или провокација. НОРАД посочува дека ги следи и идентификува сите воени авиони кои влегуваат во зоната за воздушна идентификација. NORAD рутински го следи движењето на авионите и ги придружува надвор од таа зона доколку е потребно.
Откако Русија ги продолжи воздушните активности со долг дострел во 2007 година, НОРАД забележа годишен просек од приближно шест до седум пресретнувања на руски воени авиони. Овие бројки варираат од дури 15 до нула пресретнувања помеѓу поединечни години.
„НОРАД користи повеќеслојна одбранбена мрежа од сателити, радари на земја, воздушни радари и борбени авиони за да ги следи и идентификува авионите и да информира за соодветни активности. Остануваме подготвени да користиме бројни опции како одговор во одбрана на суверенитетот на Северна Америка и Арктикот“ – истакнуваат од НОРАД.