Американците во страв, предупредување до Нетанјаху: Ситуацијата може да излезе од контрола ако премногу силно го удрите Хезболах

477

Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден, ги предупреди израелските власти дека „ситуацијата ќе излезе од контрола“ доколку погодат цели на Хезболах во Бејрут како одговор на нападот на Голанската висорамнина, изјавија за Аксиос анонимни израелски и американски претставници.

Израелскиот воен безбедносен кабинет се состана во неделата за да ги разгледа опциите за воен одговор на ракетниот напад во кој загинаа 12 деца и тинејџери, вклучително и опцијата за извршување напад во либанската престолнина, соопштија израелските власти.

Тел Авив го обвини Хезболах за нападот, додека либанската милитантна организација ги негираше обвинувањата, тврдејќи дека станува збор за заскитан израелски проектил „Железна купола“.

Израелски функционер рече дека високиот советник на претседателот Бајден Амос Хохштајн му рекол на израелскиот министер за одбрана Јоав Галант дека Тел Авив има право да се брани од Хезболах, но мора да избегне сеопфатна ескалација и да ги минимизира цивилните жртви.

Израелскиот функционер додаде дека Хохштајн е загрижен оти Хезболах ќе одговори со ракети со долг дострел доколку израелските одбранбени сили (ИДФ) го нападнат Бејрут, што најверојатно ќе доведе до дополнителна ескалација.

– Дефинитивно мислиме дека нападот на ИД врз Бејрут е потенцијална црвена линија за Хезболах, рече американскиот претставник.

„Аксиос“ наведува дека и воениот кабинет и ИД сакаат одговорот на Хезболах да биде посилен од кој било претходен напад, но и да се избегне сеопфатна војна. ИД верува дека силен одговор би довел до неколкудневни борби со висок интензитет што би било тешко да се спречат да излезат од контрола, додава порталот, повикувајќи се на официјални претставници.

– Јасно е дека двете страни ќе направат чекор подалеку од досега, но не е јасно дали можат да избегнат паѓање во бездната, изјави израелски претставник.