Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби денеска изјави дека разузнавачките служби на земјата немаат информации за планот на Хамас за напад на Израел.
„Разузнавачката служба посочи дека немале пристап до документот“, изјави Кирби за Ен-Би-Си, пренесува Politico.
„Њујорк тајмс“ минатата недела објави дека израелските власти добиле информации за нападот повеќе од една година порано.
Според извештајот на „Њујорк тајмс“, израелското раководство ја игнорирало дојавата, сметајќи дека напад од ваков тип е нешто надвор од можностите на Хамас, што израелските власти го негираа, пренесува Танјуг.
САД долго време споделуваа разузнавачки информации со Мосад, но неуспехот да дадат детали за планот на Хамас доведе до тоа одредени законодавци во Конгресот да се сомневаат во зависноста на Америка од Израел за разузнавачки информации за терористичката група.
„Премиерот Нетанјаху веќе отворено зборуваше за ова, велејќи дека ова е неуспех на израелската страна. Тие ќе ја истражат ситуацијата кога ќе биде вистинското време, а сега фокусот мора да биде ставен на елиминирање на вистинската геноцидна закана од Хамас“, заклучи Кирби.