Американската агенција за борба против наркотици ДЕА ќе ја промени класификацијата на марихуаната и ќе ја означи како помалку опасна дрога, објави Асошиејтед прес.
Тоа ќе биде историска промена во повеќедецениската политика за дроги на Америка која би можела да има последици низ целата земја, според АП.
Предлогот на ДЕА, кој допрва треба да биде разгледан од Канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа, ќе ја признае медицинската употреба на канабисот и дека лекот има помал потенцијал за злоупотреба од некои од најопасните наркотици. Сепак, предлогот нема веднаш да ја легализира марихуаната за рекреативна употреба.
Ваквиот потег на агенцијата, изјавија денеска за Асошиејтед прес пет лица запознаени со ова прашање, ќе ја отстрани последната голема административна пречка пред да стапи на сила најголемата промена на политиката на ДЕА во повеќе од 50 години.
Откако предлогот ќе биде потпишан од Канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа, ДЕА јавно ќе го коментира планот да се назначи марихуаната, која сега е класифицирана како дрога од списокот 1 заедно со хероин и ел-ес-ди (ЛСД), како дрога од списокот 3, заедно со кетаминот и некои анаболните стероиди. По периодот на јавни коментари, ДЕА ќе објави конечно правило.
Во октомври 2022 година, американскиот претседател Џозеф Бајден повика на ревизија на федералниот закон за марихуана и помилува илјадници Американци осудени на федерално ниво само за поседување на дрога. Бајден, исто така, ги повика гувернерите и локалните лидери да преземат слични чекори за да ги поништат пресудите за марихуана.
Промената на класификацијата на марихуаната во изборна година може да му помогне на Бајден, очекуваниот кандидат на Демократската партија на ноемвриските избори, да добие поголема поддршка, особено кај помладите гласачи.