Амин Херст (20), кој минатата година побегна од затвор откако беше обвинет за четири убиства, а потоа помина десет дена во бегство пред повторно да биде фатен, денеска се изјасни за виновен за злосторствата.
Тој се изјасни за виновен по 28 точки од обвинението, вклучувајќи четири точки за убиство од трет степен и две точки за обид за убиство, како и за прекршоци за бегство, заговор и огнено оружје, објави Филаделфија Инкуајер, пренесе АП.
Херст е уапсен во 2021 година, кога имал 16 години, а бил обвинет за четири убиства и два вооружени грабежи, пренесува Танјуг.
Официјални лица за спроведување на законот изјавија дека тој бил поврзан со две тесно поврзани банди во Филаделфија, одговорни за бранот насилство во тој град.
Херст и уште еден затвореник, Насир Грант, побегнаа минатиот мај од Индустрискиот поправен центар во Филаделфија.
Грант бил приведен четири дена подоцна, а Херст бил во бегство десет дена пред да биде повторно фатен.
Обвинителите рекоа дека двајцата направиле дупка во оградата околу рекреативниот двор на затворот и дека официјално биле пријавени за исчезнати 19 часа по нивното бегство.
Тогаш неколку лица беа обвинети дека им помагале на избеганите, а беше наведено и дека сензорите за движење биле исклучени, а чуварот заспал.
Помошникот окружен обвинител Ентони Вози рече дека истражителите се задоволни од признавањето на вината на Херст, главно затоа што семејствата на жртвите ќе бидат поштедени од долго судење.
Воци рече дека е „тешко да се замисли дека некој што имал 16 години одзел четири млади животи“ и дека тоа е „трагедија сама по себе“.
Тој исто така рече дека Херст се смеел за убиствата во телефонски повици додека бил зад решетки, покажувајќи „застрашувачко ниво на бесчувствителност и немилосрдност“.
Помошникот окружен обвинител Брет Закеосијан рече дека додека бил во бегство, Херст изнајмил студио за снимање и снимил нова рап песна што ја објавил на интернет.
Адвокатот на одбраната Гери Силвер одби да коментира.
Се очекува Херст да биде осуден за две недели.