Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе предлог за распуштање на Собранието на 12 февруари и тогаш ќе се види кој е “за”, а кој “против” одржувањето предвремени парламентарни избори, изјави вчера претседателот на оваа партија, Христијан Мицкоски. Според него, лидерот на СДСМ, Зоран Заев се обидува по секоја цена да ги одложи изборите. Мицкоски смета дека нема потреба од нова лидерска средба на која ќе се разговара за одложување на изборите, бидејќи тие се закажани на 12 април, Парламентот се распушта како што е дефинирано на 12 февруари и тоа е завршена тема. Според Мицкоски, одложувањето на изборите нема да го спаси од одговорност Заев, туку само ќе ја продлабочи кризата. Тој повика и да се престане со притисоци врз претставниците во законодавниот дом, без разлика на која партија ѝ припаѓаат.
Тој предложи во тимот од врвни експерти кои ќе работат на изготвување на овој закон, да бидат вклучени професорите по уставно и казнено право: Владо Камбовски, Гордана Силјановска, Никола Тупанчевски, Гордан Калајџиев, Тања Каракамишева и Гордана Лажетиќ.
– ВМРО-ДПМНЕ не е против закон за Јавно обвинителство, туку е против партиски закон за Јавно обвинителство со кој ќе се заштити криминалот. Секое законско решение мора да биде производ на консензус, но и во дослух со експертската јавност. Затоа предлагам законот за Јавно обвинителство да дојде од експертите и професорите од Правниот факултет кои имаа релевантност и искуство од оваа материја и беа дел од јавната дебата. Професионализмот да го ставиме над партиските интереси, а законот кој тие ќе го предложат безрезервно и без двоумење ВМРО-ДПМНЕ ќе го прифати, рече Мицкоски и се обврза дека неговата политичка партија ќе го поддржи законот што тие ќе го изработат.
Од Министерството за правда реагираа дека Законот е сè уште на маса и доколку ВМРО-ДПМНЕ сака да учествува во процесот, да подготви амандмани на овој текст.
– Законот за Јавно обвинителство се изготвуваше долг временски период во Министерството за правда, од работна група во која учествуваа домашни експерти, научната јавност, јавни обвинители, но исто така и странски експерти и дури странски јавни обвинители, кои даваат сугестии и мислења за одредени прашања поврзани со законот. Законот е сè уште на маса и доколку ВМРО-ДПМНЕ сака да учествува во процесот, тогаш нека подготви амандмани на овој текст – сè останато е алиби за недонесување на законот, посочуваат од Министерството за правда и посочија дека продолжуваат консултациите со пратеничките групи околу Предлог-законот за Јавното обвинителство.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски и лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак повикаа на консензус на политичките партии за законот. Спасовски смета дека со тоа на дело ќе се покаже дека сите се за исполнување на стратешките цели – ЕУ и НАТО. Тој рече дека не очекува да дојде до одложување на изборите.
-Јас очекувам дека нема да се случи одложување на изборите заради тоа што ќе надвладее разумот, дека националните интереси се многу поважни од какви било лични интереси и дека на крајот на краиштата секој од нас како политичари, пратеници итн., ќе сфатат дека носењето на законските решенија е влог во нашата иднина, потенцира вчера техничкиот премиер.
Заев во понеделникот изјави дека законот за Јавно обвинителство треба да се донесе според договорената меѓупартиска собраниска агенда пред распуштањето на Парламентот на 12 февруари, а ако тоа не се случи, најави дека е можно одлагање на распуштањето на Собранието, со цел Собранието да добие дополнителни 15 дена за усвојување на неколку важни закони. Таквата можност ја гледа во регулативата која предвидува дека изборите се распишуваат од 45 до 60 дена по распуштањето на Собранието.
Претседателот на Собранието Талат Џафери во изјава за весникот ВЕЧЕР рече дека доколку партиите се договорат треба да го информираат и тој нема да стави предлог за распуштање на Парламентот. Но, потенцираше дека техничка влада е изгласана за да ги спроведе изборите на 12 април.