Поттикнати од јубилејот, 10 години постоење на Фестивалот за европска литература „Букстар“, годинава за првпат се доделува специјалната наградата „BOOKSTAR“ Х10.
За исклучителни достигнувања во литературата, наградата се доделува на Алесандро Барико, со гаранција најпознатиот италијански писател, еден од омилените европски автори, интелектуалец кој стана глобална сензација и човек чие име е звучно како на рок-ѕвезда!
Италијанскиот романсиер, сценарист, литературен и музички критичар, новинар, пијанист, режисер и есеист е роден во Торино во 1958 година. Добитник е на наградата „Вијареџо“ во 1993 година, како и на бројни други награди. Напишал четиринаесет романи, три есеи и голем број на сценарија. Речиси целото негово дело е преведено на македонски јазик и тоа вклучува голем број дела со култен статус – „Свила“, „Замоци на гневот“, „Новеченто“, „Океан Море“, „Мистер Гвин“, „Оваа приказна“, од кои дел се и екранизирани и поставени на театарските сцени. Многу значајна и опсежна е неговата работа на телевизија, во театар и на филм. Наградата BOOKSTAR“ Х10 ја добива за своето севкупно творештво.
– Говориме за автор што со секоја книга освојува некоја нова пишувачка територија и од крајот на 1990-тите години интересот за него не спласнува. Барико остана глас што и кога пишува различно од своите првични романи, повторно е свеж и иновативен. Тој е вечна метаморфоза на имагинацијата и на нејзините неисцрпни можности. Со оглед на тоа дека неговите патувања во странство веќе четири-пет години се сведени на минимум, Фестивалот „Букстар“ годинава ја има честа да реализира ексклузивно онлајн-учество на еден од најголемите автори на денешнината, повод заради кој наскоро ќе го објавиме и преводот од неговата најнова книга, „Авел“ – велат од „Антолог.
Вториот годинашен лауреат е Јон Калман Стефансон кој се закитува со традиционалната награда „BookStar“ 2024 за трилогијата „Помеѓу рајот и пеколот“. Стефансон (1963) е најзначајниот современ исландски писател и европски автор за кој насекаде се зборува, познат по својата оригинална способност да ги комбинира поезијата и прозата и создавајќи дела кои се длабоко лирични и емотивни. Досега има објавено тринаесет прозни дела, пет поетски збирки и пет преводи на исландски меѓу кои и едно дело на Чарлс Буковски. Во 2017 година, неговиот роман „Рибите немаат нозе“ бил номиниран за Меѓународната награда „Букер“, а четири пати бил номиниран за Литературната награда на нордискиот совет. Неговите дела се преведени на десетина јазици. На македонски јазик се преведени три негови романи: „Помеѓу рајот и пеколот“, „Солзите на ангелите“ и „Срцето на човекот“ и за нив има добиено повеќе награди. Стефансон доаѓа во Скопје после редица настани во различни делови на светот, меѓу кои и големиот Интернационален фестивал на книгата во Будимпешта каде што деновиве е главен почесен гостин.
Фестивалот „BookStar“ ја објави целосната програма за десетото издание и таа вклучува голем број атрактивни настани и импозантни авторски имиња од различни европски држави – Јон Калман Стефансон (Исланд), Алесандро Барико (Италија) Кристијан Новак (Хрватска), Здравка Евтимова (Бугарија), Жозе Луиш Пејшото (Португалија), Игор Мар Маројевиќ (Србија), Паола Перети (Италија) Фарук Шехиќ (Босна и Херцеговина) и Мирженка Чехова (Чешка). Автор во фокусот од Македонија е Румена Бужаровска која ќе го прогласи фестивалот за отворен, но во програмата учествуваат уште четириесетина македонски писатели, универзитетски професори, критичари, музичари и друг вид претставници од издавачкиот и од културниот сектор.