Албанците ќе се кренат на нозе или ќе кренат раце од Ахмети?!

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со воинствената реторика е фактор на нестабилност, но со таа реторика опозицијата нема да може да предизвика нестабилност, порача премиерот Христијан Мицкоски по ставот на Ахмети искажан на средба со граѓани во Шуто Оризари дека власта ги уништува сите досегашни постигнувања во државата и ако се допре законот за јазиците, сите Албанци ќе бидат на нозе. Според премиерот Мицкоски, ваквите обиди на Ахмети нема да успеат затоа што „Албанците, но и сите граѓани во Македонија се свесни за сето она што лично го направи тој и тие неколкумина околу него во изминатите повеќе од дваесет години додека беа власт“

107

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со воинствената реторика е фактор на нестабилност, но со таа реторика опозицијата нема да може да предизвика нестабилност, порача премиерот Христијан Мицкоски по ставот на Ахмети искажан на средба со граѓани во Шуто Оризари што партијата го лиферуваше преку соопштение, дека власта ги уништува сите досегашни постигнувања во државата иако се допре законот за јазиците, сите Албанци ќе бидат на нозе. Според премиерот Мицкоски, ваквите обиди на Ахмети нема да успеат затоа што „Албанците, но и сите граѓани во Македонија се свесни за сето она што лично го направи тој и тие неколкумина околу него во изминатите повеќе од дваесет години додека беа власт“.

-Се навикнавме на изјавите на Али Ахмети да биде фактор на нестабилност, со воинствената реторика да повикува на немири и нестабилност, но тоа што го кажува не мислам дека може да предизвика нестабилност бидејќи Албанците, но и сите граѓани во Македонија се свесни за сето она што лично го направи тој и тие неколкумина околу него во изминатите повеќе од дваесет години додека беа власт. Претпоставувам пораката се однесува на истите оние уставни судии кои тој во Речица и оние на Бихаќка ги поставија во Уставен суд. Законот за употреба на јазиците е во Уставниот суд, а ако се погледне, таму се луѓето кои излегоа во тефтерчето од Речица и на Бихаќка. Претпоставувам дека притисокот врз тие луѓе продолжува и се бара некоја преносна структура да ја пренесе пораката. Не мислам дека ова е нешто сериозно, но тој продолжува да биде фактор за нестабилност и тоа мене ме загрижува, но ги загрижува и нашите меѓународни партнери бидејќи Али Ахмети и ДУИ се повеќе и на дневна основа стануваат фактор на нестабилност, истакна Мицкоски.

За премиерот е неприфатлив ставот на ДУИ дека тој ја злоупотребува државната позиција и им се заканува на опозиционерите. Но, Мицкоски повтори дека политичките криминалци треба да бидат загрижени.

-Политичките криминалци треба да се загрижени. Соопштението на ДУИ се однесува на мојата изјава дека обвинители кога ќе треба да реализираат акција против криминалци коишто беа дел во претходните 7 години власт, тие тогаш добиваат стомачен вирус, температура, настинка… Поентата е работата да се заврши во истиот ден. Претпоставувам затоа се вознемирени бидејќи тие се навикнати на обвинителите да им седат на глава. Вознемирени се и нормално е што упатуваат такви пораки. Инаку, јас никому не се заканувам, бидејќи тоа не е дел од мојот карактер и сè што правам, правам без закани, изјави Мицкоски.

Демократската унија за интеграција продолжува со средбите со граѓаните. Деновиве лидерот на партијата, Али Ахмети, се сретнал со граѓаните и симпатизерите на оваа партија во скопско Шуто Оризари, од каде што упатил порака до актуелната власт дека „доколку се допре албанскиот јазик, сите Албанци ќе бидат на нозе“.

Од ДУИ велат дека собирите на партијата и Ахмети се дел од серија средби кои ДУИ ги започна и ќе ги продолжи и во наредниот период.

-На средбата со народот организирана од огранокот на ДУИ во Шуто Оризари разговаравме за понижувањата, отпуштањата на Албанците, обидите за укинување на албанскиот јазик, Балансерот и рушењето на сите достигнувања на Албанците пред очите на прекршителите на волјата на Албанците – ВЛЕН. Али Ахмети ги увери членовите, симпатизерите и граѓаните дека по никоја цена нема да толерира уништување на постигнатото со многу жртви, информираа од ДУИ преку соопштение.

Откако не влегоа во владејачката коалиција, од ДУИ најавуваа организирање протести за заштита на изборниот легитимитет и принципот „победник со победник“.Тврдеа дека стратегијата ќе ја спроведуваат преку протести пред Собранието и пред Владата и пред други институции и порачуваа дека за да бидат дел од власта „ќе водат битка во секоја населба и институција“. По неколку месеци, одлучија протестите да ги заменат со средби со граѓаните. Ахмети се премисли и рече дека не се заинтересирани да бидат дел од оваа влада, затоа што не се ничија резервна гума. Премиерот Мицкоски во неколку наврати предупреди дека има индиции дека високи поранешни функционери кои располагаат со милионски суми, мобилизираат луѓе на терен за манипулација и се обидуваат да испровоцираат етнички конфликт, но дека Владата е подготвена да ги пресретне. Премиерот Мицкоски и коалиционите партнери од Вреди им порачаа на Интегративците полека да се навикнат да бидат во опозиција.

По обвинувањата за „кражба на легитимитетот“ и најавите за улични протести, Ахмети го привлече вниманието на јавноста со фамозните писма што ги испратил до високи меѓународни претставници, но и до премиерот Христијан Мицкоски, во кои ја изразува „својата длабока загриженост за најновите политички и уставни случувања“ во Македонија и бара заштита на Охридскиот договор.

-Одлуките за измена или ревизија на Законот за употреба на јазиците, не се само политички контроверзни, туку и штетни за напредокот и соработката меѓу заедниците, а таков развој може да ги поткопа придобивките и да ја врати земјата во периоди на несигурност, порача тогаш Ахмети.

Ахмети му пиша на Мицкоски дека одлуките на Уставниот суд се одлуки со кои се извршува програмата на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на клучните механизми за заштита на заедниците, на што премиерот рече дека лидерот на ДУИ бара од него да интервенира кај судиите кои Ахмети и СДСМ сами ги избрале. (В.С.Н.)

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ