Натпреварите меѓу Албанија и Србија секогаш се сметаат за повеќе од ризични. За ова се свесни сите, но за разлика од Косово, Албанија не е во таа група на репрезентации кои според правилата на ФИФА и УЕФА не можат да играат против Србија.
Во изминатиот период дуелите меѓу Албанија и Србија беа одбележани со инциденти, проблеми се случуваат дури и на натпреварите меѓу Србија и Швајцарија, на кои настапуваат неколку фудбалери од албанска националност.
Во 2025 година Албанците и Србите двапати ќе се сретнат во рамките на квалификациите за СП 2026 во САД, Канада и Мексико. Освен тие две селекции, во истата група се и репрезентациите на Англија, Летонија и Андора.
Индрит Тучи, напаѓачот на Спарта Прага, гостуваше во емисијата „Студио спорт“, каде ги откри првите впечатоци од ждрепката за квалификациите за СП 2026, а неговиот фокус беше српската репрезентација како најголем ривал во борбата за втората позиција.
„Ги чекав Англија и Србија. Тешка група, но второто место не е недостижно. Мислам дека сме 50:50 со Србија. Ова е повеќе игра на емоции отколку тактичко-техничка игра. Ќе победи оној кој може подобро да се справи со емоциите. Нека знаат дека ќе направиме се за да бидеме пред нив, да бидеме или први или втори. Има голем притисок со Србија, бидејќи во тој натпревар повеќе не играте за себе. Имате земја зад себе која ве поддржува. Многу е возбудливо само да ги имате во групата, а потоа кога ќе дојде натпреварот притисокот е голем. Дали би избрал да играм против Англија или против Србија Одговорот е едноставен, би ја избрал Србија“, изјави Тучи и додаде:
„Воопшто не треба да разговараме за победа против Андора и Летонија, ако сакаме да бидеме втори. Со Србија се надевам дека ќе земеме шест бода, но дури и четири бода би биле сосема задоволителни. Со Англија, зошто да не, ајде да играме на победа. Докажавме дека играме многу добро со големите репрезентации.
Англија има многу квалитет во тимот. Можеби најскапата репрезентација во моментов, но и ние немаме недостатоци. Можеме да одиме и на „Вембли“ и да земеме три бода, тоа не е големо изненадување“, тврди Тучи.