Колку предизборната коалиција СДСМ-БЕСА-ДПА ќе ја загрози поддршката за интегративците на Али Ахмети кај гласачите во албанскиот блок, ќе стане извесно доколку коалицијата навистина се оствари.
Сигнали дека постои можност за македонско албанска коалиција пред избори, без да конкретизира со кои партии испрати и претседателот на СДСМ Зоран Заев, кој најави предност на својата партија во однос на коалициското договарање за претстојните избори со сите партии, а особено со оние од албанскиот политички блок.
– Со ДУИ ги решивме крупните прашања во Владата, а ние сме единствена партија која има лепеза на избор за соработка со албанските партии, така што очекувам дека ќе најдеме сили првпат да направиме предизборна коалиција со партии од албанскиот блок. Коалициите ќе бидат задржани и малку проширени, а тоа нема да биде подоцна од 9 март, кога е закажан конгресот на СДСМ. Тоа ни дава за право да бидеме фаворити на овие избори. Ги завршивме разговорите со досегашните коалициски партнери, а веќе разговараме и со нови. Ќе продолжиме до крајот на следната недела, кога ќе го објавиме заокружувањето на процесот на коалициското договарање, а имаме околу 27 политички субјекти. Лично сум задоволен од преговорите, затоа што зборуваме за вредности, за програми, за давање збор, нешто што мора да нè спои, како и за преземање одговорност и во парламентарната и во извршната власт, истакна Заев.
Познавачите на политичките прилики коментираат дека со ваквата коалиција СДСМ прави обид да ја исфрли од комбинација ДУИ за влез во владата која би се формирала по изборите, покрај тоа што две партии на власт пред распуштањето на Собранието се испазарија за прекројување на изборните единици, што е во корист на албанскиот електорат.
„Не знам ништо околу тоа“, кратко одговори лидерот на ДУИ, Али Ахмети, прашан дали има информација за трипартиската коалиција која ја „крои“ СДСМ.
Во исто време, во Мала Речица се прави длабока анализа кои имиња ќе се понудат пред гласачите од албанскиот електорат. Очекуваат победа на изборите и потсетуваат на тоа дека треба да се коалицира како и досега, по принципот победник со победник.
Онаа политичка партија што на парламентарните избори ќе победи во албанскиот блок треба да ја претставува волјата на Албанците, доколку победат партиите кои ќе направат предизборна коалиција и тие треба да влезат во власта, изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање во врска со можни предизборни коалиции на партии од албанскиот блок со СДСМ.
-Една грешка е направена во 2006-2008 година кога во влада влезе партија која не ја претставува волјата на Албанците и тоа предизвика длабока политичка криза, брзи предвремени избори, блокирање на Собранието. Затоа што системот по Рамковниот договор не препознава поинакво претставување освен на тој што ја претставува волјата на Албанците. Доколку победат овие партии се разбира дека тие ќе влезат во власта, меѓутоа тој што ќе победи кај Албанците тој ќе ги претставува Албанците во владата, истакна Османи.
Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села во петокот потпиша предизборна коалиција со лидерот на Алтернатива. Села смета дека во Македонија има етничка дискриминација и оти нема услови за предизборна коалиција помеѓу македонски и партии на Албанците.
– Нашето мото за изборите ќе биде „Држава за сите“. Сѐ додека во Македонија немаме држава за сите, сѐ додека институции од ЕУ кажуваат дека постои дискриминација од етнички план во Македонија, мислам дека уште не се создадени услови за да имаме такви предизборни коалиции – рече Села.
Работите секако ќе бидат појасни откако сите партии ќе ги одржат партиските конгреси, кои, според наши извори, се очекуваат во првата недела на март. Дотогаш, секако, мора да има одлука и за евентуални предизборни коалиции, со оглед на роковите предвидени од Државната изборна комисија, согласно Изборниот законик, според кои партиите до 12 март на полноќ треба да ги достават изборните листи за шесте изборни единици за претстојните предвремени парламентарни избори, кои треба да се одржат на 12 април. (Ј.Ц.Г. )