Албанија оди напред кон ЕУ, Македонија „стоо“  

Реакции и во Скопје и во Софија предизвика одлуката во Брисел, Албанија на 15 октомври да ги отвори преговорите со ЕУ по поглавја, а да нема поместување за Македонија, поради неисполнување на преземената обврска за внес на Бугарите во македонскиот Устав. Премиерот Христијан Мицкоски, вчера, изјави дека тоа не се преговори, туку диктат, додека политичарите кај источниот сосед, на чело со поранешните премиери Бојко Борисов и Кирил Петков, ракоплескаат на ваквата одлука и се радуваат што Македонија го добила тоа што го заслужила со своето однесување. И портпаролката на ЕК за проширување, соседска политика и меѓународни партнерства Ана Писонеро, вчера потврди дека Комисијата очекува старт на преговорите по кластери со земјава штом таа ги исполни договорените релевантни критериуми

57

Реакции и во Скопје и во Софија предизвика одлуката во Брисел, Албанија на 15 октомври, да ги отвори преговорите со ЕУ по поглавја, а да нема поместување за Македонија поради неисполнување на преземената обврска за внес на Бугарите во македонскиот Устав. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека тоа не се преговори, туку диктат, додека политичарите кај источниот сосед, на чело со поранешните премиери, Бојко Борисов и Кирил Петков, ракоплескаат на ваквата одлука и се радуваат што Македонија го добила тоа што го заслужила со своето однесување. И портпаролката на ЕК за проширување, соседска политика и меѓународни партнерства Ана Писонеро, потврди дека Комисијата очекува старт на преговорите по кластери со земјава штом таа ги исполни договорените релевантни критериуми.

-Европската комисија со нетрпение очекува што е можно поскоро почеток на преговорите по поглавја со Албанија и Северна Македонија. Нашиот став е многу јасен, Комисијата со нетрпение очекува почеток на преговорите по кластерот „Основи вредности“ што со Албанија и со Северна Македонија што е можно поскоро, откако Северна Македонија ќе ги исполни релевантните критериуми што се договорени со Советот, изјави Писонеро во одговор на прашањето за ставот на ЕК за „раздвојувањето“ на Тирана и Скопје на европскиот пристапен пат.

Релевантни критериуми или диктат?!

Таа додаде дека тие „релевантни критериуми“ ги вклучуваат уставните амандмани за вклучување на Бугарите во Уставот.

– Европскиот совет ја повика Северна Македонија да го забрза спроведувањето на овие измени, изјави Писонеро, додавајќи дека одлуките за следните чекори во пристапниот процес се во надлежност на земјите членки на ЕУ, а не на Европската комисија.  

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски изјави дека уште кога бил во посета на Брисел било најавено дека најверојатно Албанија ќе ги почне преговорите и ќе се одвои од земјава, но нагласи дека тоа е лоша, порака кон македонските граѓани, бидејќи државата во, како што рече над дводецениски пат кон интеграција во ЕУ сторила многу работи, повеќе од која било кандидатка или актуелна членка, а кои најчесто немаат никаква врска со Копенхагенските критериуми. Според Мицкоски, условите за Македонија не се преговори, туку диктат.

-Ние сме единствениот случај во кој билатерални договори се услови во Преговарачка рамка. Жалам што претходната Влада егзибиционистички прифаќаше се, мавташе со европско знаме додека го ограбуваше сопствениот народ. Гледаме дека состојбата е таква каква што и го делам впечатокот со огромен број македонски граѓани дека не треба повеќе на сметка на национални отстапки, идентитетски отстапки без гаранции да прифаќаме услови. За мене ова е диктат, ако е ова условот за Македонија да продолжи да преговара тогаш тоа го кажав и во Брисел – не благодарам, тоа не се европските вредности во кои мојата генерација се вљуби, а тоа се оние вредности, кои ги дефинирале Аденауер, Дегаспери и Шуман, рече Мицкоски и ѝ посака многу успех на соседна Албанија брзо да го заврши преговарачкиот процес и како, што рече, можеби еден ден „нашите патишта повторно ќе се сретнат по таа траекторија кон полноправно членство во ЕУ“.

Мицкоски повторно се повика на принципот „Pacta sund servanda”, кој како што рече, ако важи за Преспанскиот договор, треба да важи и за Договорот за добрососедство со Бугарија.

– И покрај многуте критики како нова Влада го прифативме Преспанскиот договор и ако тој принцип важи за тој Договор, тогаш ЕУ и Брисел треба да го прифатат „Pacta sund servanda“ и за Договорот за добрососедство, во кој никаде не стои дека услов мора да биде ние да го промениме Уставот. Таму никаде не го пишува тоа, дури пишува и дека Бугарија треба да нè поддржува и да ни помага. Кога ние зборуваме за одложено дејство, зборуваме за тоа по успешно завршување на разговорите и ратификација на претпристапниот протокол, подготвени сме да прифатиме промена на Уставот и за многумина во Брисел беше што е сега ова, а тоа не е ништо поразлично од Преспанскиот договор, изјави Мицкоски.

И претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во интервју за МИА од Њујорк, вели дека во Договорот за пријателство со Бугарија нема одредба за менување на Уставот и потенцира дека не може да има бидејќи таа се врзува со историските комисии и нивните разговори, а историјата, културата и јазикот не можат да бидат предмет на разговор.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, изјави дека Владата и Вреди остануваат посветени на евроинтегративниот пат.

-Прво да почекаме официјални информации. Владата и Вреди остануваат посветени на ова прашање кое е еден од врвните приоритети во нашите политики. Се надевам дека брзо ќе најдеме решение, истакна Меџити.

Билатеризација

Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, пак, истакна дека раздвојувањето на Албанија и Македонија на патот кон Европската Унија е тежок пораз на политиките на Владата. Според него, оваа пропуштена шанса ќе се одрази на многу семејства и уште една цела нова генерација и сега Македонија останува изолирана, без јасен план и стратегија. Филипче обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ всушност сака повторна билатерализација на европските преговори и спорот со Бугарија.

-За првпат во 30 години откако државата го започна својот пат кон ЕУ, Владата сама себе се блокира. Треба на сите да им е јасно, спорот со Бугарија не беше веќе билатерален. Со тешки маки успеавме од билатерален спорот да го донесеме во рамки на преговорите. Ние веќе не преговараме со Бугарија туку со ЕУ, а ВМРО-ДПМНЕ сака пак да го билатерализира. Значи, целта е да се врати се наназад, односно да се отвори повторно билатерален проблем. Како планира Мицкоски со реторика на карање и конфликти да обезбеди подобри услови со Бугарија во билатерална комуникација? Свесен ли е дека ќе добие само полош Договор? Свесен е, но тоа е очигледно и целта, изјави Филипче и додаде дека тој и понатаму е убеден дека со промената на Уставот, што е јасен услов од Преговарачката рамка, ништо нема да изгубиме, туку напротив, ќе добиеме.

Бугарите во Уставот или нема ЕУ

Поранешните премиери на Бугарија, Бојко Борисов и Кирил Петков, изјавија дека Договорот за доброседство мора да се почитува и ги повикаа македонските власти да одлучат дали ќе ги внесат Бугарите во Уставот или нејзиниот пат кон ЕУ ќе остане затворен. Лидерот на ГЕРБ Борисов, кој е и претседател на Комисијата за надворешна политика во бугарскиот Парламент, истакна дека Бугарија и Македонија потпишаа Договор за добрососедство, кој е вклучен во планот за проширување, и никој не може да отстапи од него. Борисов смета дека Софија треба да остане и мирна и трпелива, бидејќи како што рече „тактиката на нашите колеги од Северна Македонија е ние да бидеме виновни“.

 -Сакам да го уверам бугарскиот народ дека сè што направивме во Европската народна партија, во Европскиот совет, во Европската комисија, беше многу добро слушнато. Така функционираат европските институции. Не се закануваат, не навредуваат, а резултатот е Албанија ќе оди напред. Таа го прифати бугарското малцинство, а нашите колеги од Северна Македонија да го понесат она што го создаде нивното досегашно однесување, рече Борисов.

И Петков вели дека Скопје треба да одлучи дали сака да ги прифати Бугарите во својот Устав или да го запре патот кон ЕУ.

– Времето покажа дека договорот што го направивме во времето на нашата влада – францускиот предлог – се покажа многу добар за Бугарија. Реално, целата Европска Унија застана на страната на Бугарија. Република Северна Македонија мора да одлучи дали сака да ги прифати Бугарите во нејзиниот устав или нејзиниот пат кон Европа е затворен. Многу се надевам дека ќе се преиспитаат, бидејќи она што се случи во моментов е дека Албанија се одделува од нив и побрзо ќе го продолжи патот кон ЕУ, изјави Петков.

Одвојувањето на Албанија и Северна Македонија на патот кон ЕУ, го поздрави првиот човек на „Преродба“, Костадин Костадинов. Тоа според него се случи откако „Тирана го признала бугарското малцинство и му ги гарантирала сите уставни права“.

– Отсега, Република Северна Македонија има два пата – или ќе го признае присуството на Бугарите како државотворен елемент на својата земја и ќе ги вклучи во Уставот или ќе остане надвор од преговарачкиот процес, рече Костадинов и додаде дека откако Скопје одбило да го почитува Договорот за добрососедство, и Софија веќе не треба да се држи до обврските што произлегуваат од него.

„Еурактив“ во средата објави дека Албанија на 15 октомври ги отвора преговорите со ЕУ по поглавја. Комитетот на постојани претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (Корепер), донел таква одлука, со што Албанија практично се одвојува од Македонија на европскиот пат, иако досега двете земји се движеа во пакет во пристапниот процес.

ЕУ донесе одлука за старт на преговорите со Македонија и Албанија, во пакет во јули 2022, по што двете земји го спроведоа скринингот, но понатамошниот преговарачкиот процес по поглавјата беше запрен – за земјава поради неисполнувањето на преземената обврска за промена на Уставот, а за Албанија поради блокада од Грција, по приведувањето на кандидатот за градоначалник на албанскиот град Химара, Фреди Белери, етнички Грк, под обвинение за поткуп на гласачи пред изборите.

 

Во бугарскиот Парламент едногласно усвоена декларацијата за Македонија

Комисијата за надворешна политика на Народното собрание на Бугарија денеска ја усвои декларацијата за односите со Северна Македонија, предложена од крајнодесничарската партија „Преродба“, пренесува БТА.

Партиите застапени во парламентот најдоа консензус и се обединија околу текстот на декларацијата, која со мали амандмански корекции е едногласно усвоена во комисијата.

Повод за вонредниот состанок и усвојувањето на декларацијата, како што се наведува, „се низата антибугарски изјави на водечките политичари во Република Северна Македонија, кои имаат за цел да ги минираат билатералните односи и да ја претстават Бугарија во лошо светло пред европските партнери“, како и „одбивањето на РСМ да ги исполни условите предвидени во преговарачката рамка, што ќе ѝ овозможи на земјата да започне вистински процес на преговори за европска интеграција“.

Претседателот на Комисијата за надворешна политика и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, најави за вчера дека декларацијата ќе биде усвоена од Народното собрание на Бугарија на пленарна седница.

– Најважното што го даваме како знак е дека бугарските политичари, бугарската држава, сите партии се обединети кога е во прашање добрососедството меѓу двете земји и секој што ќе го прекрши треба да си сноси одговорност, изјави Борисов.