Алаба е договорорен, следен е Салах

255

Новинарот на „Скај Спорт“, Анџело Мангианте, напиша дека актуелниот шампион на Шпанија, тимот на Реал (М), ќе се обиде за време на летниот преоден рок да ги осигура услугите на египетскиот интернационалец од редовите на Ливерпул, Мохамед Салах.

Ова не е првпат да се пишува или зборува за интересот кој го има „кралскиот клуб“ за најдобриот стрелец во дресот на англискиот премиерлигаш кој пак е се понезадоволен од својот статус на „Енфилд“. Салах многу се налути откако не ја доби капитенската лента на натпреварот од Лигата на шампиони против екипата на Митјиланд.

-Мојата иднина? Тешко прашање. Можам само да кажам дека се е во рацете на клубот и клубот одлучува, изјави Салах.

Репрезентативецот на Египет се пресели во редовите на Ливерпул во 2017 година, а беше купен од италијанскиот калчолигаш Рома за 42 мил. евра. Салах е еден од најзаслужните за освоената титула во Премиер лигата и Лигата на шампиони. На одиграните 175 натпревари тој постигна 110 погодоци и запиша 45 асистенции.

Дури и менаџерот на „црвените“, Јурген Клоп, индиректно потврди дека во игра е и опцијата да биде ставен крај на соработката со Мохамед Салах.

  • Секогаш можеме помеѓу редовите да го бараме тоа што не ни се допаѓа. Единствената причина поради која Салах би посакал да си замине од Ливерпул е лошото време. Дали е доволна една причина? Ова е еден од најголемите клубови во светот, добро го плаќаме. Можеби не најмногу на светот, но го плаќаме добро и имаме сензационален стадион и навивачи. Нашата боја е црвена, најубавата боја. Не можеме да ги принудиме луѓето да останат, но така е како што е. Се е во моментот, во вистинскиот момент. И ние го менуваме тимот, купуваме нови фудбалери, а ако некој сака да си замине, ние не можеме да го задржиме. Единствено не можам да сфатам зошто некој во овој момент би сакал да си замине од Ливерпул, изјави трофејниот германски стручњак.

Лидерот во шпанската Примера дивизион, тимот на Реал (М), се подготвува за активен летен преоден рок. Шпанските медиуми веќе на големо пишуваат дека „кралскиот клуб“ веќе ги има осигурано услугите на австрискиот интернационалец од редовите на Баерн (М), Давид Алаба, кој треба да потпише 4-годишен договор вреден 40 мил. евра, а следен на списокот е бомбардерот на ПСЖ, Килијан Мбапе.