Документ поврзан со Ковид-19, пополнет PLF формулар и задолжително тестирање при пристигнувањето во земјата за оние кои од Северна Македонија патуваат во Грција со негативен тест, се актуелните мерките за влез кај јужниот сосед, што се продолжени за уште една седмица со одлука на грчката Влада, јави дописничката на МИА од Атина.
Новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на Ковид-19“ е веќе објавена во Службен весник на Грција, стапи во сила во 6 часот утрово, а е со важност до 10 септември 2021 година.
Продолжени се и воведените промени минатата седмица, што се однесуваат на патниците кои немаат сертификат за вакцинација со поминати 14 дена од имунизацијата или потврда за прележан Ковид-19, односно патуваат со негативен ПЦР или рапид тест, а во Грција влегуваат од одредени земји, меѓу кои и Северна Македонија, која беше додадена на листата.
Овие патници, задолжително ќе бидат тестирани при пристигнувањето, а негативниот резултат е предуслов за влез во Грција.