Ако пропадне банката во која штеделе, на граѓаните наместо до 30.000 ќе им се враќаат до 50.000 евра

Новина што ќе се внесе со измената е иоа што ќе има обесштетување и за малите и за средните компании

517

Штедачите од пропаднатите банки и штедилници во иднина, а можеби и од оваа година, наместо со сегашните 30.000 евра, ќе бидат обесштетувани со по 50.000 евра.

Оваа новина што ги засега граѓаните е дел од годинашната програма за работа на Владата и треба да се реализира преку измена на Законот за Фондот за депозити. Друга клучна измена во тој Закон би била таа што по примерот на земјите од Европската Унија ќе се овозможи вакво обесштетување и за малите и за средните компании, што сега кај нас не постои.

Според најавите од Владата, овие измени треба да се изготват годинава, но потоа ќе следува процес на нивно донесување во Собранието, па можно е нивната примена да почне од наредната година.

– Со измените и дополнувањата на Законот за Фондот за осигурување на депозити, ќе се зголеми прагот на обесштетување на депонентите во банките или штедилниците, од сегашните 30.000 евра на 50.000 евра. Дополнително, ќе се обесштетуваат и микро и малите претпријатија, кои не се опфатени со моменталното законско решение. Со ова, се очекува зголемување на довербата во банкарскиот сектор, а со тоа и задржување на стабилноста на финансискиот систем во целина – најавува Владата, според која предлагач на ова законско решение ќе биде Министерството за финансии.

Со измените, всушност нашата регулатива ќе продолжи да се усогласува со Директивата на ЕУ 2014/49 ЕУ, која се однесува на депозитни гарантни шеми.

Недостатоците на актуелниот Закон за Фондот за осигурување на депозити и потребата од негова корекција се покажаа по пропаста на Еуростандард банка, која остави без пари голем број штедачи, но и мали компании, за кои сега не е предвидено такво обесштетување.

За разлика откај нас, каде што граѓаните по пропаста на банката или штедилницата во која имале средства добиваат обесштетување до 30.000 евра, во земјите на Европската Унија обесштетувањето е до 100.000 евра и освен за физички, предвидено е и за правни лица доверители во пропаднатата банка.

Инаку, подготовката на измената на Законот за Фондот за осигурување на депозити Владата ја третира како иницијатива од висок приоритет, која си поставила задача да ја реализира во септември.