Националните спортски федерации, клубовите и спортистите во наредните денови ќе ги добијат средствата од државните субвенции што ги доделува Министерството за спорт.  Административниот процес е завршен и се очекува да започне исплатата на средствата, по новата поефикасна и поедноставена процедура, најави министерот за спорт Борко Ристовски во емисијата „Аргумент плус“ на ТВ24.

-Министерството за спорт и Владата обезбедија 550 милиони денари или нешто помалку од десет милиони евра, кои се наменети за субвенционирање на спортот, нешто што не беше обезбедено од претходната Влада. Доколку не дојдеше до промена на власта и доколку не се конституираше новото Министерство за спорт, јас одговорно тврдам дека ќе немаше субвенции и државна помош за спортот затоа што тие пари не беа предвидени во буџетот за оваа година, односно претходната власт во буџетот имаше предвидено „нула“ пари за спортот. Ова е еден огромен чекор и на Министерството за спорт и на оваа Влада затоа што со ребалансот на буџетот ги обезбедивме овие средства. Сумата е нешто помала од претходните 615 милиони денари, меѓутоа ако земеме предвид дека се 550 милиони денари за само неколку месеци до крајот на фискалната година, ќе видиме дека тоа е, и тоа како, голема помош – истакна Ристовски.

Министерот Ристовски појасни дека исплатата ќе се одвива сукцесивно, што значително ќе ја скрати целата постапка.

 Ако не дојдеше до промена на власта и ако не се конституираше новото Министерство за спорт, јас одговорно тврдам дека ќе немаше субвенции и државна помош за спортот затоа што тие пари не беа предвидени во буџетот за оваа година, односно претходната власт во буџетот имаше предвидено „нула“ пари за спортот, откри министерот за спорт Борко Ристовски

-Средствата ги имаме на нашата сметка, подготвени сме за започнување на исплатата. Малку го променивме начинот на којшто ќе се исплаќаат средствата, не само во делот на критериумите, туку и во делот на исплатата. Како прво нема да чекаме да пристигнат сите пријави или обрасци, па да се дадат на разгледување, туку постапката ќе тече сукцесивно. Како што ќе доаѓаат пријавите, така ќе бидат процесуирани. На два дена ќе се разгледуваат пристигнатите обрасци и како што ќе се усвојуваат, веќе наредниот ден ќе се исплаќаат средствата. Претходната постапка, од донесувањето на обрасците во тогашната Агенција за млади и спорт до исплатата на средствата, имаше рок од 90 дена. Ние го поедноставивме процесот и го скративме овој рок. Или да појаснам, хипотетички, ако ги достават обрасците во понеделник, веќе в среда може да биде потпишан документот за да може да почне исплатата на тој што аплицирал. Се разбира, ако документацијата е комплетна и во ред. Тоа е една многу поедноставена и многу поефикасна процедура, затоа што сме свесни дека клубовите ги чекаат овие средства – рече Ристовски, појаснувајќи дека исплата на државните субвенции во спортот заради почитување на законитоста и транспарентноста, почнува малку подоцна од првично најавениот рок.

Oсновна ставка во новите критериуми за субвенционирањето во спортот е рангирањето во националните првенства. Уште една новина во новата распределба на државните субвенции во спортот е тоа што Министерството за спорт во една натпреварувачка сезона, од септември до септември, двапати ќе исплати државни субвенции.

-Овие средствата сега ќе бидат исплатени во целост, сите 550 милиони денари, а во февруари-март 2025 година, ќе бидат исплатени другите субвенции, што ќе биде огромна помош за спортот. Откако е конституирано Министерството за спорт, па до март, најдоцна до април наредната година, вкупно ќе исплатиме 1.219.000.000 денари што е околу 20 милиони евра. Ова е бројка што не е затворена, затоа што ќе имаме уште едно субвенционирање на спортот, што ќе значи дека оваа Влада и Министерството за спорт, во спортот ќе инвестираат 20 милиони евра, што е една многу сериозна сума, истакна министерот Ристовски.

Тој нагласи дека во согласност со новата стратегија, неколку спортови ќе добијат приоритет и ќе бидат финансирани од државата, а другите ќе бидат помагани. Од колективните спортови тоа ќе бидат ракометот, кошарката, фудбалот и одбојката, а од индивидуалните тоа се неколку спортови кои се традиционално најпопуларни и носат најголеми успеси – таеквондо, атлетика, борење, бокс, пливање. (С.Т.)