Наместо замрзнување на цените, ќе има ограничување на маржата на 10 отсто. Со мерката „Есенска потрошувачка кошничка“, која се очекува да биде донесена на следната владина седница, ќе бидат опфатени околу 100 производи како што се млекото, млечните производи, месото, шеќерот, брашното, маслото, зеленчукот, видовите овошје. Граѓаните, кои се надеваат на пониски цени, се изначекаа за есенската кошничка. Економските експерти сметаат дека оваа мерка нема да даде долгорочен ефект против инфлацијата, поради зависноста на земјата од увоз.
– Станува збор за мерката „Есенска потрошувачка кошничка“, која им е потребна на повеќето граѓани за храна или за основни производи. Не се работи за замрзнување на цените, туку за ограничување на профитната маржа, бруто профитната маржа на 10 отсто – објави министерот за економија, Бесар Дурмиш.
Тој рече дека веќе е доставен овој предлог до Владата. Премиерот Христијан Мицкоски рече дека од технички причини не било разговарано за ова прашање на последната седница и оти ќе се расправа за мерката следниот вторник, за кога се очекува да биде одобрена.
– Рековме дека ќе ги решаваме работите преку дијалог, беше постигнат договор и тој ќе биде веќе на следната владина седница. Од технички причини не беше разговарано за ова прашање на последната седница, но сакаме да ги помине и оние филтри како што се Генерален колегиум и Комисија за економски систем. Очекувам на следната владина седница, во вторник,да биде на дневен ред – рече Мицкоски.
Од друга страна, во реакцијата на СДСМ се вели дека мерката нема да даде никаков резултат и дека власта нема ниту желба ниту концепт за намалување на цените на прехранбените производи.
– Доколку Владата не знае, тогаш СДСМ ќе даде конкретен предлог за закон со кој сите граѓани ќе штедат и ќе се амортизира ценовното влијание, а фирмите нема да трпат штети – се наведува во соопштението на СДСМ.
Граѓаните, кои се надеваа на пониски цени, ќе почекаат уште една недела. Велат дека и покрај тоа што не очекуваат некоја голема промена во цените на прехранбените производи, барем да може да направат поевтина зимница.
Економските експерти сметаат дека оваа мерка нема да даде долгорочен ефект против инфлацијата, поради зависноста на земјата од увоз. Според нив, потребно е да се зголеми домашното земјоделско производство, во спротивно и понатаму ќе се соочуваме со високи цени.
За синдикатите, пак, замрзнување на цените или на маржите на основните продукти е добра мерка, но не треба да се направи тоа на сегашното ниво. Тие предлагаат прво да поевтинат производите, па потоа да се ограничи нивната цена. Треба да се земе репер некој претходен период кога имале цените некоја пореална вредност и на таков начин да ги замрзнат.
Од Организацијата на потрошувачи на Македонија велат дека оваа мерка ќе има многу краткотраен ефект. Оттаму сметаат дека нема потреба од есенска, зимска кошничка, бидејќи ние немаме производи што се користат само во лето или само во зима. Така, на пример, кашкавалот, сирењето и некои видови зеленчук и овошје се користат во текот на целата година.
Се очекува мерката да важи еден месец. Практиката на ова одобрување ќе продолжи и во текот на Нова година, Рамазан и Велигден. Според последните податоци, за еден месец најмногу поскапел зеленчукот, 10 отсто.
За Законот за нефер трговски практики, со кој се предвидува маржите на над 2.500 производи да не бидат повисоки од 10 отсто и кој требаше да стапи во сила од 28. овој месец, од Владата со став дека доколку не добијат конечен став од бизнис-секторот, ќе се оди според предвидената динамика.