Можеби почнаа да се појавуваат првите пукнатини во одличната соработка меѓу водечките млади тенисери во светот. Германецот Александер Зверев и Шпанецот Карлос Алкараз, второ и третопласирани во светот, неодамна се пожалија на многу густиот натпреварувачки календар и како сè потешко се носат со сите тие задолжителни турнири. Но светскиот тениски рекет број еден, Италијанецот Јаник Синер, мисли поинаку и не го крие тоа.

– Точно е дека календарот е предолг во последните години, но ние играчите можеме да избереме колку време ќе играме. Што да се игра, а што да не се игра. Оваа сезона е навистина преполна со турнири, но не мора да се игра секој – истакнува светскиот рекет број еден, кој поради проблеми со крајниците не учествуваше на Олимпијадата, а по освојувањето на САД Опен го прескокна и Лејвер Купот. Ако сакаш можеш да играш, ако не можеш, не мора. На пример, минатата година не играв некои турнири затоа што сакав да се посветам на тренинзите, вели Италијанецот.

Тој истакнува дека и покрај тоа што е број еден во светот и шампион на два грен слема – напредокот сепак му е приоритет:

– Не е важно каков резултат постигнав, секогаш се трудам да научам нешто ново, и на теренот и надвор од него. Сакам да тренирам и секогаш се трудам да разберам како функционира. Откривме сегменти во кои сè уште можам да се подобрам и тоа го правам сега.

Италијанецот моментално е во Пекинг каде што ќе ја брани титулата. Овој турнир е многу важен за него, бидејќи минатата година таму започна фантастична серија. По Отвореното првенство на Кина ги освои и Виена и Дејвис купот, додека на завршниот Мастерс првпат во кариерата стигна до финалето победувајќи го во групата Новак Ѓоковиќ. Ноле, пак му возврати во мечот за титулата, но Јаник потоа го надигра во Дејвис купот и на Австралија опен.

Синер е првиот носител во Пекинг, прв ривал е Чилеанецот Гјари, па Стан Вавринка или Јан-Ленард Штруф, па се редат можни дуели против Григор Димитров, Андреј Рубљев и Карлос Алкараз.