Синдикатите притискаат за зголемување на минималецот на 450 евра. Велат дека минималната плата од 450 евра е прагот под кој не смее да се отиде, односно плата која не треба да ја добие никој од вработените во јавниот и приватниот сектор, тоа е социјална помош што државата ја дава на вработените. Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски рече дека некои земји во регионот веќе го покачија минималецот, како Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија….
-Барањето 450 евра останува на маса, тоа е наше барање, не е истакнато сега, истакнато е уште пред неколку години. Гледаме дека во сите држави во регионот се зголемува минималната плата, како што видовте БиХ ја зголеми на 600 евра. Ако може БиХ зошто ние не можеме да го следиме нивниот пример. Тие многу едноставно го направија тоа преку она што се вели трошоци за храна и превоз. Ние како Синдикат на УПОЗ со години наназад најавуваме дека храната и превозот не е додаток, ниту надомест на плата и дека веќе никој не знае колку добиваме ние за храна и за превоз. Остана на една сума од 2009 година на 2.600 денари и тоа баш на цени за превоз и храна од 2009 година. Инфлацијата од 2009 досега порасна на над 40 отсто, а цените останаа исти, рече Деаноски.
Дури 95 отсто од вработените во државна управа и правосудство имаат плата под просекот, додаде Деаноски, посочувајќи дека 450 евра, во согласност со синдикалната кошничка, не ги задоволува основните потреби за живот во Македонија.
-Функционерите добија поврзување со просечната плата. Ако може функционерите што земаат плата од Буџет, како што земаме и ние, зошто да не можат и работниците да го добијат истото. Она што ние очекуваме е конечно тоа да се случи, да добиваме процентуално зголемување на плата, а не линеарно како што добиваме сега со минималната плата. Ако остане како што е напишано сите вработени во март треба да добијат 12,8 отсто покачување на плата, меѓутоа и тоа е ствар на договор. Секако дека просекот е подобар од минималецот. Проекцијата е дека просечната плата ќе расте секоја година повеќе отколку што ќе расте минималната плата, затоа ние инсистиравме да бидеме поврзани со просечната плата, а не со минималната плата… Како држава со плати бевме во ранг со Косово и со Албанија, моментално сме последни во регионот со примања и во јавен и во приватен сектор, посочи Деаноски.
Пред два дена и претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, рече дека има позитивно расположение од страна на Владата за зголемување на минималната плата.
-Мора да направиме исчекор во однос на раст на платите, а има позитивни сигнали од страна на Владата со раст на платите во здравството и образованието. Се надеваме дека до крај на годината ќе биде исправена неправдата и ќе се зголемат платите на сите работници кои не добија усогогласување. Дијалогот во однос на минималната плата е отворен. Аргументите се на наша страна, бидејќи од 600 до 800 евра е минималната плата во Црна Гора, во Босна и Херцеговина од 1 јануари наредната година ќе биде 600 евра, во Србија е 454 евра. Кај нас минималната синдикална кошница е 62.000 евра и покажува дека платите мора да се зголемат, изјави Трендафилов.
Во државата во моментов 25 илјади работници примаат минимална плата, а 10 илјади работници земаат под минималната плата. Вкупно 37 илјади работници се до минимална или на минимална плата.