Ако компаниите не понудат добри проекти унгарските пари ќе останат во чекмеџето, а каматата ќе ја плаќаме сите

Економистите сметаат дека со унгарскиот кредит компаниите ќе добијат свежи пари со ниски трошоци, банките ќе го добијат својот дел за покривање на ризикот, а граѓаните, кои преку даноците го полнат буџетот, ќе го покриваат кредитот кој е земен за стопанството. Универзитетскиот професор Јован Пејковски смета дека овој кредит ќе биде добар и за компаниите и за државата, бидејќи ќе ги придвижи обртот на парите и економскиот развој. Ангел Димитров од Организација на работодавачи, пак, за весникот ВЕЧЕР изјави дека доколку се искористат сите средства, тоа ќе биде добар знак, бидејќи ќе значи дека имаме сериозни компании што сакаат да инвестираат и да се развиваат понатаму

1146

По долги преговори, Владата и банките се договорија трошок на фирмите за унгарскиот кредит да биде само надоместокот за покривање на кредитниот ризик на банките, кој изнесува 1,95 проценти. За компаниите, оваа каматна стапка е прифатлива бидејќи е пониска од пазарната. Поради тоа, тие се надеваат дека ќе се искористат парите и дека нема да останат во “мртви во чекмеџето“. Економистите сметаат дека на овој начин компаниите ќе добијат свежи пари со ниски трошоци, банките ќе го добијат својот дел за покривање на ризикот, а граѓаните, кои преку даноците го полнат буџетот, ќе го покриваат кредитот кој е земен за стопанството. Според пресметките, годишно од државната каса за унгарскиот кредит би се издвојувале над 8 милиони евра. Тие претходно предупредија дека субвенционирањето на каматите од буџетот ќе значи директен товар врз граѓаните.

Со оглед на ниската каматна стапка од 1,95 отсто, банките ќе бидат многу внимателни при изборот на фирмите и при пласманот на парите. Од бизнис-секторот се надеваат дека овие 250 милиони евра ќе успеат да се искористат и оти бенефит ќе имаат и компаниите и државата, но доколку не се случи тоа, последиците за економијата ќе бидат позабележителни.

– Банките ќе извршат проценка на понудените инвестициски проекти и во зависност од проектот, големината на компанијата и од можноста за поврат на средствата, ќе одлучат за висината на кредитот. Тоа значи дека максималниот износ од 10 милиони евра нема да го добијат сите компании што ќе го побараат. Банките имаат доволно експертиза да извршат добра проценка и мислам дека нема да одобрат кредити за некој што нема да биде способен да го врати. На крајот, кога ќе се види колку компании конкурирале, колку успеале да земат кредит, односно на колку им е одобрен кредит, ќе се види во каква состојба е македонското стопанство. Ако се искористат сите средства, тоа ќе биде добар знак, бидејќи има компании што сакаат да инвестираат и да се развиваат понатаму – изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров, од Организација на работодавачи.

Друго што, исто така, е многу важно е да се види во што ќе се вложат овие средства. Според Димитров, подобро би било да се вложат во нова опрема и автоматизација отколку во деловни згради и во други градежни објекти.

– Со унгарскиот кредит и со сопствено учество на компаниите во инвестициите во стопанството, вкупно ќе се вложат 300 милиони евра, што е добра сума и треба да му даде импулс на економскиот раст. Парите треба да се искористат за да одиме напред. Ако нема доволно интерес, ќе значи дека стопанството ни е во лоша кондиција -нема доволно инвестициски проекти, нема доволно работна сила, нема побарувачка… Сето ќе значи слаб интерес за вложување, а последиците за економијата ќе бидат позабележителни – објаснува Димитров.

Универзитетскиот професор Јован Пејковски смета дека овој кредит ќе биде добар и за компаниите и за државата, бидејќи ќе ги придвижи обртот на парите и економскиот развој.

– Со овој кредит, државата внесува инфузија во стопанството и на тој начин сака да ги придвижи обртот на парите и економскиот развој. Компаниите имаат шанса да искористат кредит под поволни услови. Тие ќе инвестираат во развој, нови работни места, креирање нова додадена вредност и ќе остваруваат поголем профит, што е добро и за граѓаните и за економијата. И банките ќе имаат интерес, бидејќи штом има обрт на капитал, и тие ќе остваруваат профит – смета Пејковски.

За економистите, едно од клучните прашања, покрај техничките, беше и тоа како ќе се делат овие средства, односно под кои критериуми ќе им се даваат овие пари на фирмите. Тие остануваат на ставот дека овие пари се многу битни за македонската економија и затоа мора да се дадат за квалитетни проекти од кои ќе имаат бенефит и државата и граѓаните.

– Компаниите немаат доволно добри проекти. Кога ќе се објават јасно условите за користење на кредитот, ќе се види кои компании реално ќе можат да го користат. Малку е нејасно зошто дел од компаниите се фокусираат само на овој кредит, бидејќи ако имаат добар план и проект, може да земат кредит во секое време, бидејќи средства на пазарот има. Нашите компании мора да научат да работат на пазарни принципи, а не постојано да чекаат и да инсистираат на помош од државата – изјави за весникот ВЕЧЕР Синиша Пекевски, аналитичар.

Според него, не треба да се даваат на компании што градат во Македонија, туку на компании што ќе го зголемат извозот, ќе креираат нови продукти и ќе инвестираат во производството. Тој смета дека граѓаните не треба да учествуваат во субвенционирањето на кредитот, бидејќи тие преку даноците постојано плаќаат за сè, а бенефитот го добиваат само одредени компании.

До крајот на неделава ќе бидат целосно дефинирани условите за добивање средства од унгарскиот кредит за стопанството во износ до 250 милиони евра, најави премиерот Христијан Мицкоски и ги повика компаниите да подготват добри издржани проекти и добар бизнис-план за да можат да аплицираат за добивање средства по поволни услови.

Нагласи дека ќе бидат поддржани компании што ќе вложат во основни средства за работа, во обновливи извори на енергија, како и во објекти што ќе ги користат како свои административни згради, односно за сопствена потреба. Максималниот износ што можат да го добијат е ограничен на 10 милиони евра, што значи дека кредитот ќе биде до осум милиони евра, а останатите два милиона евра ќе бидат од сопствено учество. Каматната стапка од 1,95 отсто ќе биде фиксна, независно од сумата на парите што ќе ја добијат од кредитот.

– Со дел од банките обезбедивме историски најниска камата од 1,95 проценти, под услови до три години грејс-период во кои ќе се плаќа само каматната стапка и до 15 години рок на отплата. Мислам дека е добро тоа за економијата, имајќи предвид дека обврска на компаниите е да го финансираат проектот со најмалку 20 отсто сопствени средства. Со тоа, станува збор за најмалку 300 милиони евра инвестиција, а кога ќе се додадат на тоа уште 500 милиони евра што ги реалоцираме од буџетот кон општините, стануваат 800 милиони евра – рече Мицкоски.

Имајќи предвид дека БДП е проектиран на 16 милијарди евра, додаде, станува збор за средства во износ од 5 проценти од БДП што треба да бидат инвестирани во текот на оваа и на следната година.

(А.С.)