Ако има казна за Роналдо, тогаш да има и за 40.000 фанови на Јуве

155

Спорната прослава на третиот погодок кој го постигна на реванш 1/8 финалниот дуел од Лигата на шампиони против екипата на Атлетико (М), може многу скапо да го чини португалскиот интернационалец од редовите на Јувентус, Кристијано Роналдо. Европската куќа на фудбалот (УЕФА) започна истрага, а конечната одлука ќе биде позната на 21 март. На најголемата ѕвезда во дресот на “старата дама” му се заканува парична казна, а можно е да го пропушти и првиот 1/4 финален натпревар од ЛШ, против екипата на Ајакс.

Таквиот можен епилог не му се допадна на предводникот на актуелниот шампион на Италија, Масимилиано Алегри.

  • Роналдо го прослави погодокот, ја покажа својата сила и тоа славје не беше наменето за противникот. Неговиот погодок го прославија 40.000 фанови. Ако добие суспенизја, тогаш казна треба да добијат сите тие кои таа ноќ навиваа за Јувентус, изјави Алегри.

Од УЕФА потврдија дека е започната дисциплинска истрага против Кристијано Роналдо поради непримерно однесување за време на натпреварот помеѓу Јувентус и Атлетико (М) одигран на 12 март во Торино.

Португалецот постигна хет-трик со кој го елиминира Атлетико (М), а спорната прослава првенствено беше наменета за тренерот на “јорганџиите”, Диего Симеоне, кој идентично го прослави вториот погодок на својот тим, постигнат на првиот натпревар во Мадрид.

Аргентинскиот стручњак доби само парична казна од 20.000 евра.