Микробиологот д-р Никола Пановски за весникот ВЕЧЕР вели дека колку повеќе имаме антитела, толку повеќе сме заштитени од инфекција со коронавирусот. Според него со актуелните вакцини не можеме да зборуваме за 100 отсто заштита, туку заштита од тешки форми на разболување. Тој посочува дека антителата ги користиме за да се види дали веднаш треба да се вакцинираме, дали да се почека 6 месеци или една година, за да не се дава без потреба и пред време вакцина.
Mакедонските граѓани пред да примат трета доза или, пак, пред да се вакцинираат за заштита од ковид-19, треба да направат испитувања, крвна анализа преку која ќе дознаат дали имаат доволно антитела. Само така ќе дознаат дали нивниот имунолошки систем е подготвен да се заштити од вирусот и да се справи со опасната инфекција .На оваа тема разговаравме со професорот
д-р Никола Пановски кој од самиот почеток на пандемијата неуморно е активен на социјалните мрежи, но и во медиумите, со цел да одговори на прашањата кои граѓаните ги мачат повеќе од 20 месеци.
Познатиот микробиолог вели дека колку повеќе имаме антитела толку повеќе сме заштитени. Според него со актуелните вакцини не можеме да зборуваме за 100 отсто заштита, туку заштита од тешки форми на разболување. Според него висока бројка на антитела никогаш не може да се постигне со кинеските вакцини, а со вакцината на „Фајзер“ и „Спутник В“ се постигнува еден месец од примената втора доза.
-Засега нема меѓународно призната количество на антитела што е потребна за да се заштитиш од вирусот, како што нема ниту универзален тест што ги мери антителата. Јас користам тестови каде референтна вредност треба да биде околу 20 единици, што значи дека има доволна заштита, а кога ќе почнат да паѓаат под 20 , особено под 10 треба да размислуваат за трета доза или за вакцинација – вели д-р Пановски.
Но има случаи иако имаат над 20 антитела се заразуваат со вирусот. Затоа вели д-р Пановски останува и понатаму и вакцинираниот и прележаниот да ги почитува мерките, а не да мислат дека имам антитела и слободно да шетаат насекаде, да се гушкаат со секого и сл.
-Може нема да се заразат ама ќе го пренесат вирусот, особено тоа се однесува на младите. Тие може ќе бидат асимптоматски, но ќе го пренесат вирусот кај лица што се ризична група – вели д-р Пановски.
Кога да почнат граѓаните да размислуваат за вакцина ако се прележани и кога да размислуваат за трета доза
Микробиологот Пановски од искуство вели дека антителата ги користиме за да се види дали веднаш треба да се вакцинираме, дали да се почека 6 месеци или една година, за да не се дава без потреба и пред време вакцина.
-Не се согласувам со владината одлука да се вакцинираат по 45 дена од прележување на болеста, се со цел да им се дава сертификат со кој ќе можат полесно да се движат. Одговорно тврдам, со тоа што сум го учел 40 години , најточна потврда дали имате имунитет се антителата, а не вакцината. Може да имате и две вакцини, но антителата покажуваат дали сте биле во контакт со вирусот и дали вакцината е успешна. Колку повеќе имате антитела, толку повеќе сте заштитени – објаснува Пановски.
Нема логика кај лицата што короната ја прележаа во септември болеста, кои имаат 300-400 или 1.000 и 1.200 антитела да не им се дава сертификат и да им се бара да примат две дози вакцина.
-Тоа е навистина да се побудали, кога се знае дека им се прави штета на овие луѓе, а имаме вакцинирани од јуни месец кои што се со нула антитела, а тие имаат сертификати. На прележаните треба да им се даде барем шест месеци, па потоа да се вакцинираат – дециден е д-р Пановски и резимира дека најзаштитени во моментов се прележаните со примена една доза „Фајзер„ или „Спутник В“, потоа само прележаните, дури и пред година и половина да се прележани се позаштитени од некои кои се вакцинирани пред три месеци.
Потоа, вели д-р Пановски според степенот на заштита доаѓаат вакцинираните со „Фајзер“, „Спутник“ и „АстраЗенека“ и на крај оние со кинеските, затоа на нив им се дава трета доза по три месеци.
Досегашното искуство,како и статистиката со бројот на антителата покажуваат колку луѓе се имуни или не и се разболуваат.
-За вакцините на „Фајзер“ и „Спутник“ производителот кажал дека од 100 вакцинирани, пет нема да развијат антитела, а кај кинеските тој однос се движи до 30 отсто, а кај повозрасните и до 50 проценти. Вакцинираните со кинеските вакцини кои се над 70 години нема да развијат имунитет или ако имаат тој ќе биде краток, само првите два месеци. Оваа статистика кај нас не се кажува за да не се дига паника, но кога ќе видиме што се случува кај нашиот сосед Србија, ќе се види дека најголемиот дел од починатите се вакцинирани со кинески вакцини-посочува д-р Пановски.
Годинава ќе има и грип, ама ако не се вакцинирате до 15 ноември потоа ќе нема ефект
Што се однесува за вакцините кои штитат од сезонска инфлуенца и кога тие треба да бидат аплицирани кај населението, д-р Пановски укажува дека кога им предава на студентите, студијата темелена на искуство покажува дека грипот почнува најчесто на 15 декември, а вакцината треба да се прими најмалку еден месец пред да почне епидемијата, во случајот тоа е од 15 октомври до 15 ноември.
-Тоа е секогаш така, но од Министерството за здравство се правдаат дека во последните години подоцна се јавувал грип, пикот бил негде јануари- февруари и затоа нема да биде доцна и сега да се почне со вакцинацијата. Да, ама веќе треба да стартува имунизацијата, иако касни еден месец, но ако не почне сега значи, веќе ќе нема ефект – смета д-р Пановски.
Според микробиологот годинава е можно да има повеќе случаи на грип, зашто мерките не се исти како лани. Сега луѓето повеќе се движат.
Д-р Пановски им препорачува на граѓаните слободно да се вакцинираат и со трета доза и со вакцина за заштита од инфлуенца. Дури можат и во исти ден да ги примат двете вакцини.
-Ако вакцините ги има на исто место можат да ги примат двете вакцини истиот ден. Но доколку лицето примило „Фајзер“ како трета доза, ќе треба да почека барем една недела да поминат реакциите. Децата примаат и шествалентни вакцини одеднаш, а во рок од 6 месеци дури 11 вакцини и немаат никаков проблем – дополнува д-р Пановски.
Руски научник утврдил дека за целосна заштита од сите соеви ковид-19 потребни се 500 единици антитела
Рускиот научник и д-р Евгениј Тимаков смета дека за целосна заштита од коронавирусот потребни се висок број на антитела, дури и до 300 и 500 единици.
-Кај човекот потребни се 150 единици антитела за да се спречи зaболување со првичниот сој на ковид-19 . Односно, за да може имунолошкиот систем да ги надмине мутациите на вирусот – на пример делта-сојот, бројот на антитела треба да биде најмалку еден и полпати повеќе, смета рускиот доктор за заразни болести Тимаков.
Според него нивоата од 500 и повеќе единици антитела обезбедува совршена заштита од сите видови и мутации на вирусот. Искуството покажало дека најагресивниот сој е делта, но со над 300 единици антитела, едно лице може да се заштити од него.
-За претходните соеви на вирусот, како што е првичниот сој од Вухан, доволни се 150 антитела, посочуваат испитувањата на д-р Тимаков. Истражувањето на докторот е спроведено во Москва меѓу повеќе од 4.000 тестирани пациенти.
Валентина МАРЈАНОВИЌ