Ако изборите бидат на 8 мај – 28 јануари техничка влада, 28 февруари ќе се распишат изборите

Доколку партиите се договорат претседателските и парламентарните избори да бидат заедно и датумот да биде 8 мај, претседателот на Собранието, Талат Џафери, вели дека изборите треба да бидат распишани до 28 февруари, а во согласност со Пржинскиот договор, техничката влада треба да биде избрана еден месец претходно, односно до 28 јануари. Џафери претходно им даде рок на партиите до Нова година да се усогласат и да изберат датум за изборите и најави дека ако дотогаш не се договорат тие, датумот за претседателските избори ќе го одреди тој

629

Доколку политичките партии се договорат претседателските и парламентарните избори да се одржат на 8 мај идната година, тогаш изборите ќе бидат распишани на 28 февруари, а на 26-27 јануари ќе се формира техничка влада, изјави денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Во кабинетот на собранискиот спикер, кој ги распишува изборите, до овој момент не е стигната информацијата од политичките партии дека е постигнат договор за денот на одржување на изборите, а Џафери вели дека од медиумите ги добил информациите за 8 мај како можен датум за нивно одржување.

-Во медиумите се пишува дека изборите ќе бидат 8 мај, во тој случај законските рокови налагаат 70 дена наназад да се распишат изборите, а тоа е 28 февруари. Бидејќи се редовни избори, 100 дена претходно треба да се избере техничка Влада, а тоа значи на 26-27 февруари, рече Џафери.

Според  законските рокови за распишување избори, што ги презентираше спикерот, премиерот Димитар Ковачевски најдоцна до 26 јануари треба да си поднесе оставка за да може да се формира техничката влада.

Во согласност со Законот за Пржинска влада, треба да се избере нов премиер кој ќе седне во премиерската фотелја три месеци пред избори, а тој, треба да  биде  Албанец, според договорот меѓу СДСМ и ДИУ.

Датумот на избори сè уште официјално не е познат, но 8 мај изминатиов период се споменуваше како термин што би одговарал за да се одржат парламентарните избори заедно со вториот круг на претседателските избори, додека 24 април се споменува како термин за првиот круг на претседателските избори.

Датумот 8 мај, прв уште во октомври го споменуваше лидерот на опозициската ВМРО –ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а минатата недела повторно го спомна и министерот за правда Кренар Лога, но како неофицијален датум.

Минатата недела премиерот Димитар Ковачевски најави дека за датумот за избори ќе се одлучува на средба со шефовите на парламентарните партии во Собранието во декември, но не го прецизираше денот кога ќе се одржи средбата.

Џафери денеска им порача на партиите дека се добредојдени да одржат средба во Собранието во текот на декември, со оглед на фактот дека тој има даде рок до крајот на годинава да се договорат, а ако тоа не се случи, тој ќе ги распише изборите онака како што налага законската регулатива.

Како што е  познато, ставот на премиерот Ковачевски околу изборите е  дека во мај има доволно простор да се одржат редовни претседателски и парламентарни избори, но тој досега не потврди дали изборите ќе бидат на 8 мај, кој е единствениот термин кога претседателските и парламентарните избори може да се одржат во редовниот термин.

Вицепремиерот Артан Груби денеска изјави дека следната недела на лидерска средба во Собранието ќе се одлучи дефинитивно за датумот на избори и дека тој очекува со консензус да се потврди 8 мај.  Во однос на прашањето кој ќе биде следниот премиер на последните 100 дена, Груби вели дека би било добро тоа да биде жена.

Во врска со барањето на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на техничката влада, вели дека ДУИ ќе се откажат од премиер Албанец, ќе излезат од влада, ќе се откажат од техничка влада и се понатаму, ако ВМРО-ДПМНЕ се согласи да ги изгласа уставните измени.

(М.С.)